Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 го осудија испраќањето ирански балистички ракети во Русија

Според Г7, оружјето со кое Техеран ја снабдува Москва претставува директна закана за украинскиот народ, како и за европската и меѓународната безбедност

Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 најостро го осудија испраќањето ирански балистички ракети во Русија.

„Иран мора веднаш и целосно да ја прекине својата поддршка за нелегалната и неоправдана војна на Русија против Украина и да го запре таквиот трансфер на балистички ракети, беспилотни летала и слични технологии“,

се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија и Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.

Според Г7, оружјето со кое Техеран ја снабдува Москва претставува директна закана за украинскиот народ, како и за европската и меѓународната безбедност.

На почетокот на неделава германското Министерство за надворешни работи потврди дека владите на Франција, Германија и Велика Британија заедно ќе работат на воведување санкции против иранскиот авиопревозник „Иран ер“, осудувајќи го Иран за испораката на балистички ракети на Русија.

Претходно американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и дека најверојатно ќе ги користи во Украина во блиска иднина.

За време на неговата посета на Лондон, Блинкен потврди дека САД, исто така, ќе воведат нови санкции кон Иран кои се однесуваат и на „Иран ер“.

Западот воведува санкции за иранска авиокомпанија за наводно испраќање ракети на Русите

Со осуда за испраќањето ирански проектили во Русија се јави и Европската Унија која најави нови санкции и рестрикции кон Техеран.

Москва и Техеран ги отфрлија обвинувањата на западните сојузници. 

- Реклама -