Министерството за правда ги нарече неосновани тврдењата на претстедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Законот за амнестија ќе се носи во скратена процедура со европско знаменце.
„Министерот за правда Кренар Лога уште од првиот ден, а исто така и на брифингот со медиуми кој се одржа минатата недела јасно кажа дека овој закон нема да се носи со европско знаменце и дека лично тој е против можноста од злоупотреба на европското знаме за носење на закони. ВМРО-ДПМНЕ да не зазема став на празно, кога се информирани уште од првиот ден за сите детали. Законот за амнестија е ист како оној од 2018 година, со истите кривични дела за кои не е предвидена амнестија. Тој закон беше потпишан и поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да сака ВМРО-ДПМНЕ да амнестира свои поранешни избрани и именувани лица, таков закон нема да има“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Во однос на најавите за напуштање на Парламентот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што се посочува во соопштението, тоа е добредојдена вест за граѓаните на нашата држава.
„Немањето став за битни прашања и политиките на блокада подобро се изразуваат со напуштање на Собранието и тоа е гест за поздравување од наша страна. Можеби, господинот Христијан Мицкоски вака сака да ѝ помогне на татковината со отворање простор за изгласување на уставните измени и отворање на патот кон ЕУ“, се посочува во соопштението од Министерството за правда.