„Иако сум на одмор, бев дежурен, што не се коси со Законот за здравствена заштита, член 216, став 3. Синоќа после полноќ дојде и новинар да види дали дежурам. Не знам колку е незаконски да бидам разрешен додека користам годишен одмор и дали министерот има право да ме разреши додека не се формира новата влада, но за тоа ќе се консултирам и со адвокат“, рече директорот на Клиниката за токсикологија
Министерот за здравство во техничката влада Илир Демири го разреши директорот на Клиниката за токсикологија д-р Данил Петровски, кој на оваа функцијата беше поставен на 15 декември минатата година.
Информацијата за неговото разрешување ја потврди и самиот за МИА посочувајќи дека не е изненаден од оваа одлука, зашто како што вели, министерот веќе ја најавил минатиот месец.
Сепак, за неговото официјално разрешување, д-р Петреовски, како што вели, дознал од вработените на клиниката.
Во изјава дадена за порталот СДК, директорот Петровски посочил дека иако е на одмор, синоќа бил дежурен, бидејќи, како што вели, распоредот бил направен претходно.
„Иако сум на одмор, бев дежурен, што не се коси со Законот за здравствена заштита, член 216, став 3. Синоќа после полноќ дојде и новинар да биди дали дежурам. Не знам колку е незаконски да бидам разрешен додека користам годишен одмор и дали министерот има право да ме разреши додека не се формира новата влада, но за тоа ќе се консултирам и со адвокат“,
вели тој.
Министерот Демири на 22 април најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија. Тогаш за економската директорка Бесија Иљази, рече дека нема констатирано ниту едно прекршување, иако ја испитувал состојбата три недели.
„Јас сум длабоко уверен дека луѓето што користат вакви испади и навреди на национална основа не го мислат тоа. Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите“,
рече Демири одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Во однос на писмото кое беше испратено до медиумите од страна на вработените во Токсикологија, а во кое велат дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, Демири рече дека лекарите се служат со навреди.
„Стручниот колегиум комуницира со медиумите, лекарите што се служат со навреди комуницираат со навреди и денеска повикале на прес-конференција. Јас сум министер за здравство, сите неусогласувања треба да дојдат тука, а не да се искористат за дневни политички цели“,
рече тој.
Тогаш од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека разрешувањето на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија е одраз на негативната селекција во здравството од страна на СДСМ и ДУИ, а воедно е и поддршка за самоволието на некомпетентни економски директори.
Претходно, лекарскиот колегиум на оваа Клиника на чело со проф. д-р Нико Беќаровски, раководител на одделот за интензивна нега реагираше дека се соочуваат со, како што изјавија, тотален отпор и несоработка со организациската директорка на Клиниката за токсикологија.
Според Беќаровски, економската директорка инсистира да бидат вработени 18 лица на кои на крајот на годината им биле истечени договорите, а како што додаде Клиниката реално нема потреба од толкав број на вработувања.
„Директорката инсистира сите 18 кои беа претходно примени со договор на дело, а на кој им истече договорот на крајот на минатата годинана, да бидат истовремено примени. Но, ставот на лекарскиот колегиум на Токсикологија е дека немаме потреба од толкав број на нови примања. Клиниката во моментот има реално потреба од тројца луѓе да се доекипира лабораторијата и тројца болничари. Се инсистира по секоја цена да се примат луѓе кои беа донесени како што се менуваа директори и министри. Се направи 7 или 8 административци и 2 и 3 секретарки да се примат на Клиниката. Бараме како стручен колегиум да се продолжи со работа на лабораторијата и да се почитуваат договорите. Сите има повеќе стаж, отколку што организациската директорка што има години“,
рече тој.
Инаку, по прес-конференцијата на лекарскиот колегиум, прес-конференција одржа и организациската директорка Бесија Иљази, но само на албански јазик. Дел од медиумите ја напуштиле оваа прес-конференција зашто им било соопштено дека нема да има превод.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 2 мај соопштија дека извршиле контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки, од кој е констатирано дека здравствените работници и соработници на кои договорите им истекле и понатаму се евидентираат на Клиниката за токсикологија.
Рената Младеновска, директорката на ДСЗИ, одговарајќи на новинарско прашање дали во текот на инспекциските надзори имале комуникација со организациската директорка и дали користеле преведувач, таа одговори потврдно.
„Да, и во двата случаи на инспекциски надзор користевме преведувач. Организацискиот директор не го зборува македонскиот јазик, користи преведувач“,
рече тогаш директорката на ДСЗИ.