Министерот за правда контра премиерот – ги поздравува изјавите на амбасадорите Гир и Агелер за Судскиот и Советот на јавни обвинители

Министерството за правда има подготвено нацрт-верзија на Законот за судски совет, кој, како што информираат од правда, експертската група го подготвувала повеќе месеци

Министерот за правда Игор Филков ги поздравува изјавите на евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Ангела Агелер изнесени во однос на статусот и функционирањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, по вчерашната изјава на евроамбасадорот Гир дека распуштањето на судскиот и обвинителскиот совет значи мешање во судството, кое ќе предивика сериозна загриженост, пренесува Телма.

„Очекува да се интензивира соработката во периодот кој претстои“,

вели ресорното министерство.

Оттаму информираат дека министерството има подготвено нацрт-верзија на Законот за судски совет, кој, како што информираат од правда, експертската група го подготвувала повеќе месеци.

„Откако ќе се финализира, текстот ќе биде прикачен на ЕНЕР при што сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои мислења и забелешки“,

информираат од правда.

По ова, како што велат од правда, министерот Филков планира да отвори широка и јавна дебата во која ќе бидат слушнати мислења на експертската јавност со цел да се дојде до најдобро заедничко прифатливо решение.

По завршување на целиот процес, според Министерството за правда, текстот на законот ќе биде доставен на мислење на Европската комисија и Венецијанската комисија.

Ако знаат подобро решение, нека дојдат и нека го кажат, подготвен сум да разговарам за истото и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифатам за да може да го примениме и еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции зашто вака очигледно не бива, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски го прокоментира вчерашното излагање на дел од амбасадорите во земјава, меѓу кои американскиот и евроамбасадорот, оти не треба да има распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители – реформа што ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја спроведе кога ќе дојде на власт.

Мицкоски оцени дека во земјава е пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата притоа, како што вели, занемарувајќи го гласот на 600 илјади граѓани кои ги избрале оваа коалиција и оваа програма.

„Истовремено истите тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото и сите тие во своите извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата. Логично е како човек којшто е рационален и конструктивен, кога ќе види проблем, да бара решение за него. Еве, ние понудивме решение. Во ред, не се важни тие 600 илјади гласа за амбасадорите, не е важна програмата на Владата. Во ред, јас сум подготвен секој оној којшто има подобра идеја – и експертската јавност и амбасадорите – да дојдат и да кажат како треба. Подготвен сум да седнам со секого да разговарам. Дајте, кажете како да ја решиме работата зашто вака не бива“,

рече Мицкоски.

- Реклама -