Плановите за пилот проектот со кој ќе се имплементира високобрзински 5G безжичен интернет во Брисел наидоа на ќорсокак. Причината е загриженост околу ефектот и потенцијалната опасност од зрачењето врз човечкото здравје.
Во јули, владата постигна договор со три телекомуникациски оператори за да ги намали строгите стандарди околу радијацијата во Брисел. Сепак, според министерката за животна средина – Селин Фремо (Céline Fremault), ситуацијата е стигната до точка кога е невозможно да се процени радијацијата, т.е. зрачањето што би произлегло од антените потребни за 5G сервисот.
„Не можам да дозволам и прифатам таква технологија ако стандардите пропишани со регулативите за зрачење, кои ги заштитуваат граѓаните, не се почитуваат, имало 5G или не. Луѓето од Брисел не се експериментални заморчиња чие здравје можам да го продадам за профит. Не смееме ништо да дозволиме без да бидеме целосно сигурни“, порача таа.
Со актуелните стандарди за зрачење, пилот проектот не е возможен. А Фремо вели дека нема намера да направи исклучок.
Стандардите за зрачење во телекомуникацијата во Брисел важат за посебно строги. Стандардот од 6 волти по метар во Брисел се покажа како проблем и во минатото, кога се воведуваше брз 4G мобилен интернет.