Од 120 годишни планови за вработување кои институции од јавниот сектор ги пратиле во Министерството за јавна администрација за одобрување, само пет добиле позитивно мислење од МЈА, а останатите 115 им биле вратени на доработка, најчесто заради погрешно впишан процент на етничка задница т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на Балансерот.
Министерот Горан Минчев денеска на прес-конференција ги повика институциите од јавниот сектор во плановите за вработување да впишуваат процент на етнички заедници согласно измената на пресметката на дигиталната алатка Балансер. Ги потсети дека при пресметувањето на процентите предвид се зема само бројот на резидентно население, а не и нерезидентното население од пописот во 2021.
Разликата во процентите согласно спроведениот попис, рече тој, кај Македонците е од 54, 21 отсто на 58,44 отсто, Албанци од 29,52 отсто на 24,30 отсто, Турци од 3,98 отсто на 3,86 отсто, Роми од 2,34 отсто на 2,53 отсто, Срби од 1,18 отсто на 1,30 отсто, Власи од 0,44 отсто на 0,47 отсто и Бошњаци со идентичен процент од 0,87.
-Институциите од јавниот сектор се известени односно им се вратени на доработка годишните планови со цел да ги усогласат со коригираните податоци во нововграденото решение за Балансерот, согласно резидентното население на територијата на Република Северна Македонија. Ги повикувам институциите од јавниот сектор да постапат по нашите забелешки, укажувања и инструкции и во најкраток можен рок да ги достават повторно на одобрување до Министерството за јавна администрација, истакна Минчев.
Покрај оваа, најчеста причина за враќање на годишните планови за вработување, МЈА на институциите на доработка им ги враќа плановите и од друга причина, како што рече, законска и од правно-нормативен карактер со оглед на тоа што МЈА е новоформирано министерство.
На прашањето дали има големи отстапувања од дозволената застапеност на етнички заедници и како ќе се постапи ако има прекршување, Минчев го посочи новото Министерство за јавна администрација што го предводи, како пример за злоупотреба на Балансерот. Како што рече, од 100-процентна вработеност во МЈА во моментов, од 43 до 45 проценти се вработени од етничките заедници со што Балансерот е злоупотребен.
-Тоа е предмет на ревизија, досегашните анализи покажуваат дека од 100-процентната вработеност, околу 18 до 19 проценти ја имаат злоупотребено можноста за искажување етничка припадност односно злоупотреба на Балансерот. Тие се во редовен работен однос, секако дека ќе останат на работа, меѓутоа нужно е да укажеме дека во минатото Балансерот бил злоупотребуван и токму оваа постапка што ја правиме за враќање на годишните планови за вработување и нашите укажувањата до институциите од јавниот сектор е за спречување на повторно таква злоупотреба на Балансерот, рече Минчев.
На новинарско прашање дали ќе има нов закон откако беа повлечени од собраниска процедура законите за административни службеници и за вработени во јавен сектор, министерот соопшти дека кон крајот на месецот ќе биде отворена широка јавна дебата на која ќе бидат поканети да се вклучат сите засегнати страни со цел, рече, „да бидат направени солидни, квалитетни и применливи закони“. Можно е, рече, да биде отворено и прашање за нов закон.