Милошоски оди во самоизолација до 6 јули, неговата мајка позитивна на Ковид-19

Мајката на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, која работи како медицинска сестра во болницата во Битола, е позитивна на Ковид-19. Информацијата ја објави прво таа самата, а потоа и нејзиниот син на својот Фејсбук профил.

„Драги пријатели, почитувани колеги, должност ми е да Ве известам, дека како медицинска сестра вработена во болницата во Кичево, и покрај почитувањето на сите мерки на претпазливост пропишани од нашата медицинска установа, за жал завчера ги почувствував првите симптоми на покачена температура и направив тестирање во текот на вчерашниот ден. За жал, денешните резултати покажаа дека сум позитивна на вирусот Ковид19.

На надлежните епидемиолози им ги посочив сите лица со кои сум имала контакт, меѓу кои мојот сопруг, кој треба да се тестира утре, и мојот син Антонијо Милошоски, со кого имав краток контакт на 22 јуни во нашиот дом во Кичево.

На сите колеги медицинари и на сите граѓани кои се позитивни на овој вирус им посакувам што поуспешно да се избориме со оваа пандемија, а пред сѐ со почитување на заштитните мерки и навремено тестирање. Со почит, Светлана Милошоска“, напиша таа.

Набрзо по нејзиниот статус, се огласи и Милошоски, кој ја потврди средбата и соопшти дека бил контактиран од надлежниот епидемиолог од Битола и одредена му е мерка самоизолација до 6 јули. Милошоски додаде дека мерката доследно ќе ја почитува, како што и досега ги почитувал мерките за носење маска и честа хигиена:

„Драги пријатели, мојата мајка Светлана Милошоска, која 40 години работи како медицинска сестра во болницата во Кичево, попладнево ме извести дека е позитивна на Ковид-19.

Веднаш по известувањето бев исконтактиран од надлежниот епидемиолог од Битола кој според здравствениот протокол ми пропиша мерка самоизолација до 6ти јули, заради кратката средба со мајка ми пред 5 дена во Кичево.

Мерката доследно ќе ја почитувам, како што ги почитував и правилата за носење на маска и честа хигиена во изминативе 4 месеци. До 6ти јули ќе имам две задолжителни тестирања од надлежните медицински лица. Инаку се чувствувам добро и засега немам никакви симптоми.

Она што ние како луѓе треба да го правиме е да ги применуваме заштитните мерки, да бидеме внимателни во однос на пандемијата, и да ги почитуваме советите на лекарите. Останатото е на науката и на Бога.

Ви благодарам за сите добри желби за моите родители и Ви посакувам добро здравје. Ваш, Антонијо Милошоски“, напиша тој на Фејсбук.

- Реклама -