Милошоски: Новата влада се очекува до 20 јуни – веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ

Инаку, за евентуално учество на „Движењето ЗНАМ“ во идната влада нема официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ

Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски / Фото: Архива

Ова на својот профил на социјалната платформа Икс го напиша пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по вчерашното прегласување за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6.

Во објавата, покрај коментарот за очекувањата околу формирањето на новата влада и идните партиципиенти во неа, членот на раководството на победникот на парламентарните избори ги сподели и сумираните резултати што вчеравечер ги објави Државната изборна комисија (ДИК) по прегласувањето во двете изборни единици.

Според нив, тоа донесе мала, но значајна промена во распоредот на пратеничките мандати во идниот парламентарен состав.

Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе и наместо 13, колку што имаше по изборите на 8 мај, сега има 14, на сметка на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која по прегласувањето во едно избирачко место во Желино во шестата изборна единица, остана со еден мандат помалку.

Според резултатите од гласањето на 8 мај коалицијата предводена од ДУИ освои девет пратеници, а коалицијата на опозициските партии на Албанците доби седум пратенички мандати во изборна единица 6. Но, по вчерашното прегласување, сега и двете коалиции имаат по осум пратеника во оваа изборна единица.

Во петтата изборна единица, пак, како што соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски нема промена во мандатите.

По вчерашното гласање на седум избирачки места во петтата и во шестата изборна единица нема промена во бројот на освоени мандати кај другите партии.

Според тоа, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на изборите со освоени 58 пратенички мандати, „Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ имаат по 18, коалицијата „Вреди“ 14 мандати и Левица и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на Максим Димитриевски по шест мандати.

Во однос на формирањето на новата влада, деновиве работните групи што за таа цел ги формираа ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, според информациите ги привршуваат преговорите и, како што најавија, од двете политички групации со конечниот исход од договореното се очекува да излезат утре.

Инаку, за евентуално учество на Движењето ЗНАМ во идната влада нема официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во понеделникот во гостување на телевизијата Алфа рече дека кога ќе завршат преговорите со „Вреди“, ќе се отвори можноста и за разговори со Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски.

Истовремено од раководството на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат консолидирано 61 пратеник во Собранието, но засега не се открива кои се тие плус три пратеници на чија поддршка ќе смета партијата на Мицкоски.

 „Да, точна е изјавата на претседателот Мицкоски дека во овој момент ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник. Со прегласувањето во среда и реалната шанса во петтата изборна единица да го добиеме единаесеттиот пратеник, ВМРО-ДПМНЕ веќе ќе има консолидирано 62 пратеници. Потоа продолжуваат преговорите со коалицијата ‘Вреди’, која има 13 пратеници, а можно е да го освојат и четиринаесеттиот. И кога ќе завршат тие преговори, сметам дека ќе се отвори можноста и за разговори со политичката партија ЗНАМ“,

изјави Милошоски во понеделникот.

- Реклама -