Милошоски: Меѓу нас во Собранието имаме колега пратеник кој извршил силување, тоа во иднина треба да биде забрането

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, дава целосна поддршка за Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, но смета и дека покрај регистар на жртви на родово базирано насилство, МТСП и телото што ќе се занимава со оваа проблематика во иднина треба да водат и регистар на сторители на такво насилство.

Тие сторители треба да бидат посочени за да може нивното дело да биде поука во општеството за истото да не се повторува, додаде Милошоски, откривајќи фрапантен податок дека во актуелниот собраниски состав има пратеник кој во минатото силувал жена.

„За жал, меѓу нас во Собранието, имаме колега пратеник којшто извршил силување на жена, казнет е за тоа, а сепак е на една висока функција“, рече Милошоски, предлагајќи до МТСП и Клубот на пратенички во иднина нормата за извршено родово насилство врз жена да се воведе како критериум и во други закони, особено во законите за избор на градоначалници, пратеници, министри во Владата или други високи функции.

Милошоски не го откри името на посочениот пратеник, со образложение дека не сака да буди било какви непријатни спомени кај жртвата. Потпретседателот на Собранието – Горан Мисовски, пак, рече дека немаат информација дека пратеник имал извршено такво кривично дело.

 

- Реклама -