И покрај тоа што родените меѓу 1982 и 2000-та година се пообразовани, главно мака мачат да најдат подобра работа и да заработат повисоки плати од своите родители, покажува истражувањето на Credit Suisse. Нив потешко им се одобруваат кредити, а и побавно им се покачува платата.
„Поради фактот што бејби-бумерите (генерацијата родени од 1946 до 1964) ги имаат заземено најдобрите работни места и најголемиот дел од живеалиштата, на миленијалците им оди полошо отколку на нивните родители, а посебно кога се работи за платата, поседувањето на недвижнини и останатите елементи на животниот стандард“, пишува банката во годишниот Извештај за глобално богатство.
Според пресметките на Credit Suisse, вкупното богатство во средината на 2017-та година изнесувало 280 милијарди долари, што е 6.4% повеќе отколку минатата година. Тоа е најголем раст од 2012-та наваму, благодарение на оживувањето на пазарот на недвижнини и растот на вредноста на нефинансискиот имот (куќи и станови).
Меѓутоа, тоа богатство е исклучиво концентрирано меѓу мал број луѓе. 36-те милиони милионери, кои сочинуваат помалку од 1% од светската популација, во своите раце држат 46% од глобалното богатство во недвижнини. Спротивно на тоа, дури 70% од возрасните жители на планетата, т.е. 3.5 милијарди луѓе, во недвижнини имаат помалку од 10.000 долари, покажува истражувањето.