Милчо Манчевски снима нов филм во Њујорк

milcho-mancevski-630x442[1]

На њујоршки Менхетен и во Бруклин, Милчо Манчевски почнува да го режира својот петти игран филм – „Бикини“. Деновиве проектот влезе во последните фази на претпродукција и снимени се почетните материјали, а првата клапа ќе падне на 9 мај.

„Новиот филм е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка“.

Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата The Wire која тој ја режираше за HBO во 2002 година.

Главната улога ќе ја игра Кондола Рашад, позната од новата американска ТВ-серија – „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е инаку ќерка на позната актерка – Фелиша Рашад, која се прослави во серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

„Бикини“ е копродукција меѓу САД, Канада и Германија и е прв филм на Манчевски во кој не учествува Македонија. Се снима на повеќе локации низ Њујорк, како и во едно бруклинско студио. Директор на фотографија е младиот Џошуа Вајнстин од Њујорк, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.

Манчевски претходно ги сними „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, кои се прикажани на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.

По студиите во САД, Манчевски од 1985 година живее во Њујорк, каде предава филмска режија на постдипломски студии.

- Реклама -