Милчин: (Меѓународен) Сојуз на лажните светци

Фејсбук статус на Владимир Милчин

СОЈУЗ НА ЛАЖНИТЕ СВЕТЦИ

Името не кажува ништо, но звучи претенциозно: Меѓународен сојуз – Скопје. Кој со кого се сојузил и за што се сојузил? Кои се домашните, а кои се странците во тој меѓународен сојуз? Партнерски организации, владини и невладини донатори, индивидуи? Ја гледав на јутјуб снимката од тричасовната конститутивна седница и видов и слушнав мнозина домашни, но странци ниту видов ниту слушнав. Ни во органите на управување нема странци. И веб-страницата на т.н. меѓународен сојуз е само на македонски јазик.

На страницата читам: Асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории, а под тоа: Меѓународен сојуз – Скопје. Малку потаму читам: Меѓународен сојуз – Скопје е граѓанска асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории. Кутрото цивилно општество! Кој ќе го заштити македонското цивилно општество од компромитацијата предизвикана со аферата „Рекет“, во која во една од главните улоги се јавува претседателот на Сојузот Бојан Јовановски познат како Боки 13, бонвиван, љубител на скапи брендови, миленик на неколку политичари од врвот и, така вели тој, сопственик на една телевизија. Чудо од детета со круна на главата!

На веб-страницата не најдов многу податоци за активностите, но затоа видов многу фотографии на Боки 13. Кога ја отворив секцијата Проекти, налетав само на реченицата: „Во обработка“. По повеќе од ДВЕ години од основањето! Имено, актот за основање е од 31 мај 2017 година.

„Еден милион евра кои две фирми ги дадоа на Меѓународниот сојуз на Јовановски никогаш не легнале на сметка на невладината организација“, објави Телевизија 24 на 7 август 2019 година, повикувајќи се на податоци од Централниот регистар кои покажуваат дека во финансиските извештаи на Меѓународниот сојуз ги нема оние 720.000 евра кои на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска ги уплатила битолската компанија „Пелистер“ на Силјан Мицевски, а ги нема ни оние 233.000 евра кои струшката компанија „Дрим Билдинг“ ги уплатила на сметката на потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ.

Во соопштението на Меѓународниот сојуз од 6 август, потпишано од Јасна Мандиќ, стои: „Паричните средства пристигнати на сметките на координаторките на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на Меѓународниот сојуз и исполнување на договорите склучени со партнерите.“ А координаторки се Лилјана Тодоровска и истата Јасна Мандиќ, која се наоѓа во драстичен конфликт на интереси. Таа е потпретседателка, членка на Управниот одбор и едновремено координаторка на проект, на чија приватна (!) сметка се префрлени тие 233.000 евра. И ние треба да ѝ веруваме на збор. Но, ете ти беља: Ардиан Амзоски, сопственикот на „Дрим Билдинг“ (на англиски може да значи „градење соништа“), тврди дека ништо не е спроведено од договореното за објектот во општината Карпош и си ги бара парите назад. А Лилјана Тодоровска, на чија сметка легнале 720.000 евра како авторски хонорар за идејата за пензионерски домови во Битола, тврди дека штом во банката ги подигнала парите, веднаш на влезот и ги одзеле членови на раководството на Меѓународниот сојуз. Имиња не кажа.

За која банка станува збор? Не знаеме. Во која банка во оваа држава приватно лице може да подигне кеш во износ од 720.000 евра на име на авторски хонорар? Дали за астрономскиот авторски хонорар Лилјана Тодорова платила или допрва ќе треба да плати данок? И, ако не платила, од каде ќе најде пари за тоа откако, како што тврди, парите ѝ биле одземени? И последното прашање: Зошто Силјан Мицевски не си ги побара парите, штом организацијата на Бојан Јовановски не ги извршила обврските?

Но гротеската „Сојуз на лажните светци“ (наслов на една драма од славниот руски автор Михаил Булгаков) не завршува со ова. Во 2017 година, Меѓународниот сојуз – Скопје (Асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории, нели?) немал обврска да достави завршна сметка зашто имотот и приходите не му биле повисоки од 2.500 евра! А за 2018 година, Сојузот пријавил приходи од околу 3.000 евра и ја завршил годината со 11 евра на сметката! Помпезно најавуваната и промовирана организација на Боки 13 ми ти била гола сиромаштија, но на сметките на координаторките на двата проекта легнале речиси милион евра! За волја на вистината, Тодоровска си ја испразнила сметката под итно, но членови на раководството, тврди таа, исто така под итно ја ограбиле пред влезот во банката. Во овој есап не се влезени оние 1.300.000 евра (или беа 1.500.000?) кои од домот на Орце Камчев во подарената чанта Луј Витон ги однеле Боки 13 и некојси Кичеец, како што гледаме и слушаме на снимките спакувани и испратени од Скопје во Рим виа Будимпешта. На тие пари тука им се изгуби трагата, Боки 13 и Кичеец се во притвор, а во чиј трезор (или во чија банка) се парите не се знае. Сигурно е само тоа дека не се на сметката на тоа асоцијацијата за заштита на цивилно(то) општество.

Законот за здруженија на граѓани и фондации во членот 63 вели дека организациите се должни годишните извештаи за нивното работење и годишните финансиски извештаи да ги објават на својата веб-страница или на друг соодветен начин да ги направат достапни за јавноста до 30 април за претходната година. На веб-страницата на Сојузот такви извештаи нема ниту за 2017 ниту за 2018 година. Не знам дали Меѓународниот сојуз ги објавил извештаите на некој друг соодветен начин, но откако ја посетив веб-страницата заклучив дека Сојузот не ги почитува ни отчетноста ни транспарентноста. Значи, не станува збор за невладина организација, туку за параван зад кој се кријат моќни ѕверки и матни зделки.

Дали и СЈО, на чело со Катица Јанева, наместо да донесе правда, се претворил во таков параван, ќе видиме набргу. Она што е јасно е дека одговорноста паѓа врз Заев, неговата влада и администрација. Зошто? Зашто скандалот пукна кога тие ја имаат власта. Зашто Заев е и премиер и претседател на најголемата партија во владејачката коалиција. Заев е должен да се соочи со проблемот и да го расчисти. Ако, поради кои било причини, не може да го направи тоа, треба да си даде оставка.

А доколку моќните ѕверки во политиката и бизнисот ја договорат највалканата зделка во постјугословенска Македонија, дефинитивно ќе ја убијат надежта и на оние кои не можат или не сакаат да се иселат во земјите на „проклетиот Запад“. Тешко нам!

- Реклама -