Михаилов: Во јули имаше вкупно 765 пожари

Заменик-директорот на ЈП Национални шуми Кире Михаилов на својот фејсбук профил информира дека во јули имало вкупно 765 пожари во земјава и дека тое е бројка која е меѓу историски најголемите, односно дека имало и по над 30-тина пожари дневно.

-Го завршивме месец јули со вкупно 765 пожари во Македонија или слободно можам да кажам бројка која е меѓу историски најголемите.

Со оглед на тоа дека пожарите почнаа активно да се појавуваат некаде после 10 јули, следствено на тоа излегува дека во просек дневно имало по над 30-тина пожари, бројки кои сами по себе фрапираат. Ова не се обични бројки, ова се бројки кои сериозно треба сите да не замислат и загрижат. Се надевам дека во периодот кој што претстои пред нас ќе броиме и нижиме убави работи, а не катастрофи какви што ни ги приредија пожарите со своите огромни размери. Најважно од се, борбата која што изминативе деноноќија ја водевме на терен покажа дека Македонија може да се гордее со своите синови и ќерки, напиша Михаилов на Фејсбук.

Тој им се заблагодари на сите кои директно беа вклучени во борбата со пожарите.

-Сакам уште еднаш по незнам кој пат да им се заблагодарам на сите оние кои директно беа вклучени во борба со пожарите преку институциите, на оние кои пристигнаа од надвор на повик на нашата Влада, на доброволците, на месното население, на бизнисмени и општествено одговорни фирми и воопшто на сите кои донираа и помагаа со логистика и на било кој начин. За добро на нашата татковина и сите нејзини граѓани мора да останеме на висина на нашите задачи и одговорности пред се како луѓе и да продолжиме да се справуваме со сите предизвици кои ќе ни ги приреди иднината, а ќе мораме ние како совесни и одговорни граѓани да ги решаваме, порача Михаилов.

- Реклама -