Мигрантите разочарани од Австрија: „Не е како што очекувавме“

Прашани за европското гостопримство, азилантите од завојуваните региони ќе речат дека „дури и кучињата се подобро третирани отколку бегалците во Австрија“. Наведувајќи ги небезбедноста, стравот од депортација, злоставување и носталгија по дома – како главни причини, бегалците од Авганистан, Ирак и Косово не се баш најрадосни околу останувањето во Австрија.

1030613456[1]

Поминаа неколку месеци откако Австријците маршираа за правата на бегалците, со што испратија порака дека азилантите кои бегаат од војната и сиромаштијата во нивните татковини се добредојдени во Австрија. Сега истите тие мигранти се жалат на недостиг од храна и облека и дека забрзувањето на процесот на добивање азил од австриските власти никогаш не се случило, спротивно од тоа што било ветено.

Статистиката на австриското министерство за внатрешни работи вели дека од јануари, па наваму, околу 1100 Косовари се вратиле дома по сопствена желба, откако изгубиле надеж дека Австрија ќе им додели статус на бегалци. За разлика од Косоварите, бегалците од Авганистан и Ирак имаат подобри шанси да добијат азил. Сепак, документирани се околу 530 Ирачани и 120 Авганистанци што ја напуштиле Австрија. „Овој тренд станува позабележлив од средината на септември“, вели портпаролот на австриското МВР – Карл Хајнц Грундбок. Според хуманитарното друштво Caritas, од 1 септември до 14 декември, во своите татковини се вратиле 257 Ирачани, 35 Авганистанци и 53 Ирачани. Лани, пак, дома се вратиле 2-ца Ирачани, 9 Авганистанци и 1 Иранец.

„Многумина се исплашени дека ќе бидат депортирани и од целото понижување при процесот“, вели Мартин Гантер од Caritas. Другите пак, според него, се враќаат бидејќи им недостигаат нивните семејства или дека имале различни очекувања за тоа како е во Европа или Австрија. „Бегалците се трауматизирани и не се чувствуваат безбедно овде“, додава Гантер.

Локалниот весник Kurier направи интервју со тројца 20-годишни компјутерски инженери од Ирак, кои моментално се сместени во бегалска куќа во Виена. Имено, тие планираат да се вратат дома следната седмица, по, како што велат, 90-дневниот „затвор“ во Австрија.

„Сакавме мир, слобода и иднина“, вели Мукдад. „Овде сме единствено понижувани“, вели Омер. „Згрешивме што дојдовме. Луѓето нé гледаат како да сме терористи, а сé што ние сакаме е мир. Кучињата ги третираат подобро од нас – тие барем имаат што да јадат, а некогаш им даваат и по нешто да облечат“.

Одлуките за враќање дома се финансиски поддржани од ЕУ и австриското министерство за внатрешни работи. Амбасадите на Ирак и Авганистан во Австрија потврдија дека лансирале повратна процедура за издавање на документи за мигрантите кои не успеале да добијат азил во Австрија.

migrants_train

Гунтер Екер, директор на виенската Асоцијација за човекови права, очекува дека трендот ќе продолжи. „Многу Ирачани велат дека очекувале подобра социјална грижа, а многумина имале и погрешна идеја за тоа колку долго ќе трае процесот на добивање на азил. Тие не биле свесни дека можеби ќе мораат да чекаат една година или повеќе, пред нивните семејства да можат да им се приклучат овде“.

И покрај репетитивните изјави од австрискиот канцелар Вернер Фајман дека Австрија има „хуманитарен императив“ да ги прифаќа бегалците одбиени од Унгарија, барем според кажувањата, Виена не демонстрира баш најгостопримлива политика кон азилантите. Како што пренесува Sputnik, бројот на бегалци што ја напуштаат Австрија неколкукратно е зголемен во последниов месец. Од друга страна, Фајман – кој претходно вети дека нема да има конструкција на нови огради на границата, најави нова 3.7 километарска ограда на австриско-словенската граница.

- Реклама -