Токму оваа платформа, рече премиерот во обраќањето на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“, е пример како традицијата и иновација може да одат рака под рака
„Отворен Балкан“ како регионална иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион во светот, а токму оваа платформа е пример како традицијата и иновација може да одат рака под рака, порача премиерот Христијан Мицкоски од отворањето на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“.
Оквалификувајќи го настанот за значајно случување, Мицкоски рече дека тој е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите од регионот ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Од винскиот саем во Белград, премиерот оцени дека виното како културно наследство на овој дел од Европа е многу повеќе од производ, туку симбол на историјата, земја и труд, но и мост меѓу луѓето.
„Горд сум што денеска можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28 000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет“,
рече Мицкоски во своето обраќање од отворањето на винскиот саем во Белград во рамки на „Отворен Балкан“.
Со придонесот на овој сектор од три отсто од вкупниот БДП на земјата, додаде премиерот, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител.
„Верувам дека овој настан нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку и дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници. Саемот ‘Винска визија на Отворен Балкан’ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки“,
рече Мицкоски во своето обраќање.
Покрај премиерот, во македонската делегација на саемот се и вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерот за јавна администрација Горан Минчев, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и генсекот на Владата, Иван Јанушев.
На годинашниот, трет меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград од 22-24 ноември ќе бидат претставени 650 изложувачи од 37 земји. Годинава од земјава на саемот во Белград ќе учествуваат 80 винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.