Мицкоски: Очекувам денес или утре Арсовска да го презентира планот пред советничките групи

Во однос на тет-а-тет средбата во Владата која се одржа пред два дена на која, покрај Мицкоски и градоначалничката Арсовска, присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, премиерот кажа дека таа дошла без план

Очекувам денес или утре градоначалничката да организира координација со советничките групи и конечно да го презентира планот, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за тоа што би презела Владата доколку планот на Арсовска за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во Скопје биде неприфатлив за нив.

Дополнително, вели Мицкоски, првин ќе треба да се разгледа новиот план кој би го понудила Арсовска, а потоа, како што кажа, ќе направат сè за да се заштити интересот на скопјани.

„Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав. Дадов неколку идеи. Очекувам денес или утре да организира координација со советничките групи и да го презентира планот конечно“,

рече Мицкоски.

Вчера градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференција даде краток осврт на нејзиното гледиште на прес-конференцијата на Перински, за која кажа дека се согласува само со неговиот генерален заклучок – дека советничките групи во рамки на Градот Скопје немаат меѓусебна комуникација, што според градоначалничката е добар показател дека Мицкоски се обидува да ги поправи грешките на неговите сопартијци чии постапки наликувале на политички циркус за добивање политички поени.

„Иако вчера презентиравме конкретен план, со конкретни мерки за состојбите, тие не го прифатија и побараа од нас нов план. Но, беа изненадени оти го прифативме и тоа. Вчерашниот состанок траеше околу еден час и ние ги презентиравме работите една по една, а тие ни ги одбиваа. Прифативме да направиме нов план и сега ќе видиме од кој обид ќе им се допадне планот. Ние не сакаме конфликти и сакаме да докажеме и да покажеме кој сака конфликтни решенија“,

рече Арсовска.

Таа говореше и за плановите што како градоначалничка ги доставувала до јавните претпријатија, а кои биле саботирани од Советот, како програма за вработување на 120 сезонски работници кои би се грижеле за хигиената во градот, како и за животна средина, за што рече, „ќе видите во ноември зошто не се донесе“. Од Градот предложиле и советниците да се состанат на вонредна седница на која би се изгласале програмите за работа на јавните претпријатија.

Ден претходно, министерот Перински на прес-конференција соопшти дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, до четврток треба да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Владата ќе види на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во негова реализацијата.

Како што рече тој, по состанокот биле уште позагрижени отколку пред него.

„Нашите очекувања беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план, да помогнеме тој план да се реализира, но за жал не слушнавме ништо. Очајна е состојбата во Градот и во јавните претпријатија и генерален заклучок е дека проблемот лежи во немањето комуникација меѓу советничките групи. Се договоривме градоначалничката Арсовска до четврток да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците. Иако нашите очекувања не се големи, ќе почекаме до крајот на неделата и врз основа на тој план ќе видиме што може владата да помогне“,

рече Перински.

- Реклама -