Мицкоски: Нема да ги коментирам некрофилските изјави на СДСМ

Мицкоски денеска во изјава за медиумите беше прашан кој е неговиот став околу обвинувањата од СДСМ, а тој во одговорот се наврати на справувањето со пожарите откако е премиер

Мицкоски вели дека е повторно активиран европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба и вели дека помош пристига од Чешка, Унгарија, Србија, Словенија и Германија

Политичари и политички партии што имаат некрофилски намери немам намера да коментирам, рече премиерот Христијан Мицкоски како одговор на денешните обвинувања од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде што рекоа дека владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со пожарите низ државата.

Мицкоски денеска во изјава за медиумите беше прашан кој е неговиот став околу овие обвинувања, а тој во одговорот се наврати на справувањето со пожарите откако е премиер.

„Многу е важно да се зборува со факти. Во политиката фактите се многу важни, тие ја креираат перцепцијата и тоа е она што е важно за граѓаните. Владата што ја предводам имаше прв работен ден на 24 јуни. Првиот посериозен пожар на планината Серта беше на 10 јуни некаде 17 дена подоцна“,

рече Мицкоски.

Тој ја објасни тогашната фактичка состојба, односно дека хеликоптерите што се користат за вакви кризни ситуации биле на сервис, воздухопловите биле приземјени поради дефект, а пилотите што треба да ги управуваат биле во пензија.

„Полека хеликоптерите еден по еден се враќаа и беа ставани во употреба, технички беше интервенирано на воздухопловите и тие станаа оперативни, луѓето што ги управуваат и беа во пензија ги вративме со договор на дело. Во еден момент од ништо имавме три воздухоплови и три оперативни хеликоптери и стотици пожарникари, припадници на министерствата за внатрешни работи и на одбрана и граѓани доброволци“,

додаде Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека Владата прогласила кризна состојба, и веднаш го активирала европскиот механизам за помош при кризни состојби.

„Кога го активиравме тој механизам помош, ни дојде од соседна Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Романија и во тој прв бран ја совладавме огнената стихија. Понатаму продолжи борбата со огнената стихија и тоа не само кај нас, секаде во Европа тоа се случува. Во овој момент во текот на вчерашниот ден имавме историски незапаметен број пожари – 66. Успеавме 40 да ги совладаме, преостанатите се под контрола благодарение на пожртвуваноста на пожарникарите, доброволците, припадниците на МВР и на Одбрана“,

рече Мицкоски.

Според него, борбата со пожарите ќе продолжи и во август со оглед на температурите што ги има.

Она што го загрижува, како што рече, се информациите што ги добива од МВР дека причина за ваквата состојба се невнимателност, но и намера да се предизвикаат.

Додаде и дека повторно е активиран европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба и вели дека помош пристига од Чешка, Унгарија, Србија, Словенија и Германија.

„Република Чешка се вклучи со еден хеликоптер, Србија со уште еден, Унгарија утре ќе испрати четири теренци што се многу потребни за оние терени што се непристапни и тешки дури и за интервенција од воздух. Теренците со себе носат еден кубик вода и може брзо да превенираат да не се шири пожарот. Исто така и Словенија позитивно одговори, Германија со два авиони. Тоа е капацитетот што ние во моментов можеме да го прифатиме и состојбата целосно или делумно е или ќе биде ставена под контрола“,

рече Мицкоски.

Тој упати и апел до граѓаните да не се самоорганизираат за гаснење на пожарите затоа што „необучен цивил што има најдобра желба да се вклучи, да помогне, не дај Боже да западне во тешка состојба и да го загуби својот живот, тоа нема цена“.

„Има доволен број пожарникари, припадници на МВР и на Одбрана и сето тоа е доволно за да се справиме“,

додаде тој.

Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција рече дека лошата координација со воздухопловите и нивното доцнење со часови се посочува како најслаба алка во делот на справувањето со пожарите во изминатите денови.

Граѓаните од терен, како што вели Кузеска, информираат дека пожарникарите навреме дејствуваат и силно се борат со огнот, но во исто време забележуваат бавна реакција на воздухопловите и нивно доцнење со часови, како и дека го нема присуството на полицијата.

- Реклама -