Мицкоски најави нова инвестиција: „Вабтек“ ќе прави сопирачки за шински возила, можност за повеќе од 100 вработувања

Компанијата „Вабтек“, вели Мицкоски, е дел од петстоте најголеми компании во САД

Премиерот Христијан Мицкоски и извршниот потпретседател на компанијата „Вабтек“ / ФОТО: Фејсбук-профил на Христијан Мицкоски

Американската компанија „Вабтек“ ќе инвестира во Македонија, најави премиерот Христијан Мицкоски во објава на неговиот фејсбук-профил.

Мицкоски, кој со уште тројца министри е во повеќедневна посета на САД каде од утре до четврток ќе учествуваат на Самитот на НАТО, во објавата вели дека ова е одлична вест.

Премиерот вели дека денеска имал средба со извршниот потпретседател на компанијата во Вашингтон каде, како што вели, била потврдена динамиката на реализација на новата инвестиција.

„По инвестицијата од 500 милиони долари на ‘Алказар Енерџи’ во ветерен парк која е најголема во регионот и инвестицијата на германско-белгиската компанија ‘Епсотек Аим’ во Петровец од 20 милиони евра, американски ‘Вабтек’ ќе инвестира во Македонија“,

пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.

Компанијата „Вабтек“, вели Мицкоски, е дел од петстоте најголеми компании во САД.

Инвестицијата, според Мицкоски, ќе биде вредна 35 милиони евра и ќе донесе повеќе од 100 нови вработувања.

Според пишувањето на Мицкоски, инвестицијата ќе биде во производство на сопирачки за шински возила.

„Поголем извоз за подобра иднина“,

додава Мицкоски во објавата.

Изминатите две недели премиерот Христијан Мицкоски ги презентираше инвестициите на „Алказар Енерџи“ и на „Епсотек“.

Новата инвестиција на ветерен парк од „Алказар Енерџи“ треба да почне да се гради на почетокот на 2026 година и таа ќе ја надмине бројката од 500 милиони американски долари, за што Мицкоски вели дека ќе биде најголема во Македонија, а со тоа и еден од најголемите проекти во Западен Балкан.

„Епсотек“, како што најави Мицкоски на заедничката прес-конференција со извршниот директор на компанијата, во август ќе почне со градба на објект надвор од индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец, а се очекува и брзо да биде удвоена.

- Реклама -