Мицкоски: Има заинтересиран инвестирот кој сака да вложи една милијарда евра за когенеративна централа

Информирајќи за средбата со потенцијалниот инвеститор која ја најави за попладево, премиерот рече дека ваквите проекти што ги планираат нема да бидат по привилегирани цени, туку по пазарни услови и државата да биде дел од пакетот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека има потенцијален инвестирот кој сака да вложи една милијарда евра во изградба на когенеративна гасна постројка.  

Од денешната изјава и одговори на новинарски прашања на премиерот Христијан Мицкоски / Фото: Принтскрин

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), информирајќи дека веднаш по настанот оди во Владата на состанок со потенцијалниот инвестирот, без да открие за кого станува збор.  

Како и пред два дена, и денеска премиерот кажа дека работата на неколку проекти за изградба на когенеративни постројки, кои според него, се единствениот начин да се намали загадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите со дрва, дрвен отпад, а неретко и со гуми од возила. 

„Единствен начин за да делуваме веднаш во овие средини е ваквото греење да биде заменето со друг енергенс којшто е прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до најевтино централно затоплување – преку градба на когенеративни гасни постројки коишто во текот на зимата кога ни треба ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено ќе произведуваат топла вода која што преку топловоди ќе биде дистрибуирана до тие средини коишто денеска користат сосема поинаков енергенс којшто за жал емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот којшто влијае врз загадувањето“,

изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање. 

Информирајќи за средбата со потенцијалниот инвеститор, премиерот рече дека ваквите проекти што ги планираат нема да бидат по привилегирани цени, туку по пазарни услови и државата да биде дел од пакетот.   

„Тоа нема да биде по принципот како досега, како што беше оној специјален закон, стратешки проект во парламентот што мината влада го достави на одење, по привилигирани цени итн. Се ќе биде по пазарни услови. Преговорите се со инвеститори каде што моја цел и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата таа инвестиција, нормално не со пари, туку со земја, со приклучоци, затоа што цениме дека приватните инвеститори коишто имаат пристап до овој ресурс како што е гасот можат на многу поедноставен и пофлексибилен начин да го донесат тука отколку државата. Така што ќе видиме како ќе завршат овие преговори“,

рече Мицкоски.  

Доколку се биде како што треба со преговорите, рече премиерот, проектот ќе треба да почне да се реализира во текот на наредната година и да биде готов за три години. 

- Реклама -