Уште како мало момче, на пат кон училиште, знаеја постарите да ме пресретнат и да ме прашаат чиј сум. Мислам дека никогаш точно не одговорив. Најчесто ќе изустев „ничиј“, „не знам“, „заборавив“, но не дека бев намќор, туку попрво ѓавол што се исмева со таквото прашање. Често измислував и на неуките љубопитници им спомнував имиња на јунаци од книгите кои ги читав, прогласувајќи ги за свои родители. Згора на тоа, успеав во таа игра да вовлечам уште некои деца, па се натпреварувавме во измислување на што полуди корени и родители.
Тоа што сум некаде роден не е резултат на мојата способност. Тоа е само детал во биографијата. Детал кој не смее да ја одреди мојата судбина. Еден писател вели: „Што побројни се моите припадности, толку повеќе мојот идентитет се покажува како посебен“. И денес ми е блиска мислата на Georgesa Devereux дека „етничкиот идентитет е чиста етикета“. Една од најпразните приказни, која има нанесено многу зла. Зар не говореше Борхес за празнината „како суштина на светот“?
Ние немаме никаква причина да се гордееме со потеклото (а срамот е лична особина на секое интелигентно суштество). Потекнуваме од мали народи ма како и да се викале, од култури кои немале влијание, од затворени светови во кои немало расадници на идеи, но затоа сé она најлошо и најзлобно со леснотија е всадено и користено за меѓусебни пресметки и војни. Интелектуалците имале влијание само ако биле проповедници на масата, додека нивните противници главно биле плукани и прогласувани за изроди, убивани од зад грб или умреле во емиграција.
Злосторниците биле херои: во превртената наопаку историја тоа е правило. Фолклорот, национализмот, атентатите – тоа биле вредности за кои се исплатело да се бориш. Татковина, народ – емоционални поими нејасни и примамливи, бидејќи во нив е идејата на раздорот. Тие поими (земја, народ) Paul Valery ги нарекуваше les choses vagues. Гете вели дека „најлошите земји имаат најдобри патриоти“. Секојдневното форсирање на нацијата или народот, тие колективни категории, значи да се биде во судир со нормалниот живот и да се припаѓа на „заедница на масовна деформација, и уште да се гордееш што си деформиран“ (B. Hamvas). Нешто добро и вредно можеме да направиме само поединечно. Во колективот сме стока. Ги презираме тие кои ни се недостижни, а ги навредуваме тие кои се исти како нас и со кои ја делиме земјата, воздухот, водата. Ги опсипуваме со погрдни зборови за да не се нагрдиме самите себе, иако токму тоа го правиме грдејќи ги нив.
Од книгата „Пишување или носталгија“, на Мирко Ковач