Меси на чекор до рекордот на Пеле

Лионел Меси продолжува да ги воодушевува фудбалските фанови ширум светот откако Аргентинецот самиот инсистираше да настапи против Ла Коруња, иако само два дена претходно се врати во Барселона по долгиот пат назад од татковината и настапите за својот национален тим.

Тој на најдобар можен начин покажа зошто е најдобар фудбалер на денешницата, со хет-трик предводејќи ги каталонците до триумф од неверојатни 4-5 на суперинтересниот меч на „Риазор“, со што Меси ја продолжи својата извонредна голгетерска серија.

Имено, аргентинскиот ас во текот на 2012 година урна неколку рекорди, а сега е на добар пат да го надмине и достигнувањето на „големиот“ Пеле, кога станува збор за најмногу постигнати погодоци во неговата неверојатна кариера. Бразилецот беше најдобар во 1959 година, кога дури 75 пати ја затресе противничката мрежа, 66 гола постигна во дресот на Сантош, девет како член на „кариоките“.

Со трите гола на „Риазор“ аргентинскиот генијалец стигна до бројката од 71 гола во 2012 година, надминувајќи го својот претходен рекорд од 70 постигнати погодоци во 2010 година. Тој дури 59 пати се запиша во листата на стрелци во дресот на каталонскиот гигант, а му тргна и при настапите за Аргентина, при кои што постигна 12 гола.

Импресивни се неговите бројки и на стартот од новата сезона, за само два месеци тој беше стрелец на 15 гола, единаесет од нив во Примера каде што сосема оправдано е прв стрелец на натпреварувањето. Со оглед на ваквиот голгетерски ритам на најдобриот фудбалер на денешницата, јасно е дека тој до крајот на годинава сигурно ќе го надмине и рекордот на Пеле.

- Реклама -