Во Барселона со сите сили се обидуваат да ја заташкаат новата вербална пресметка меѓу Лионел Меси и Давид Виља, но очигледно е дека јазот меѓу нив е сѐ поголем.
Меси и Виља се судрија пред неколку недели на средбата меѓу Барса и Гранада, а до повторен јавен конфликт дојде на натпреварот со Селтик во Глазгов, пишуваат шпанските медиуми.
Дека животот со Меси понекогаш не е лесен, може да потврдат и Самуел Ето и Златан Ибрахимовиќ кои своевремено мораа да го напуштат „Камп Ноу“, директно или индиректно, како што потоа сами потврдуваа, поради Аргентинецот.
Виља овој пат не му одговори на Меси. Ја зачува смиреноста откако втор пат за помалку од еден месец беше прекоруван од соиграчот. Но, како што пишуваат Шпанците таа смиреност е можеби поврзана со шпекулациите дека тој веќе е одлучен да ги напушти Каталонците а веќе е поврзуван со Јувентус.
Последните инциденти можеби се потврда дека во соблекувалната на Барселона во последно време мора се да биде согласно желбите на Лионел Меси. Без разлика дали тоа е точно или не, се поочигледната нервоза на Меси на зелениот терен многумина ја поврзуваат со фактот дека на клупата го нема повеќе Пеп Гвардиола, тренерот кој го разбираше во потполност и кој знаеше да ја исполни секоја негова желба.