Радожда е постара од УНЕСКО, а иселувањето и жртвувањето на едно население нема да биде добро ниту за градот, ниту за населеното место, изјави денеска градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, во разговор за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, оценувајќи ги критиките кон Општината во поглед на заштитата на Охридското езеро, како „паушални напади“.
Како што рече Мерко, уште од првиот ден кога станал градоначалник се труди одговорно и свесно да го води градот, бидејќи сака Струга да го направи најдобар град на Балканот, но и пошироко.
Струшкиот градоначалник тврди дека општината секогаш ги почитувала плановите и особено обврските кога е во прашање заштитата на Светското културно и природно наследство, но и „секоја заштита која оди во прилог на заштита на животот на граѓаните, поколенијата, да се заштити сѐ што е добро за векови“.
Притоа, Мерко, од една страна, тврди дека во Струга нема ништо што ја загрозува заштитата на ова наследство, и ги повикува сите институции да се уверат наместо да зборуваат напамет. Од друга страна, на Мерко не му е јасно зошто УНЕСКО „запнала за две платформи“.
„Радождани во тоа место се населени пред стотици години кога УНЕСКО не постоело. Да се исели, односно да се избрка, жртвува едно население, мислам дека се паушални напади и не е добро, и за нас како град, но и за населеното место. Би ги повикал сите институции да не говорат паушално, туку да дојдат на лице место, да установат што е тоа што ја пореметува заштитата на природно и културно наследство, да дојдат во време кога сум во тек со министерот за заштита на човековата околина околу доградба на колекторскиот систем од Елен камен до Радожда, така што сѐ на некој начин ќе биде заштитено“, изјави Мерко во „Утрински брифинг“.
„Ние не зборуваме за тоа дали сме против УНЕСКО. Град на УНЕСКО е Охрид, а целото крајбрежје на Охрид, од Св. Наум до Подмолје, и целиот слив на сите села, е во Охридско Езеро. Зошто не зборуваме за Љубаништа или Св. Наум? Таму кафиќи има и во извори, не само во езера. Зошто не зборуваме за Трпејца, Пештани, Лагадин? Зошто не зборуваме за Охрид, кога цел ред узурпира тротоари, зеленила? Не знам што се запнале за две, три платформи. Нека дојдат, ќе зборуваме, но никако паушално“, порача тој (целиот разговор ТУКА).
Последниот извештај на Државниот завод за ревизија, од друга страна, покажа дека во Струга цела деценија нема урнато ниту една дивоградба, иако Општината одбила најмалку 4.000 за легализација. Затоа, пак, имало легализација на објекти без комплетна документација и непочитување на законски рокови, со што се создале услови за нови дивоградби.
Мерко, пак, е уверен дека комисиите за легализација свесно и одговорно ги вршеле своите задачи, но не можел, вели, да одговара за претходната администрација. Ако има било што незаконито, има обвинителства и судови, нека проверат, а за секоја грешка ќе има одговорност, категоричен е струшкиот градоначалник.
„Ние сме го прошетале целото крајбрежје со комисии, со комисијата за Планот на Унеско и не најдоа никаква грешка. Дојдете повторно, заедно ќе го прошетаме целото крајбрежје. Каде ќе стават прст дека ‘ова треба да се урива’, ќе го рушиме ако нема соодветна документација“, порачува Мерко.
За разлика од сега, во февруари годинава „две-трите“ платформи на Мерко всушност беа „4-5 платформи“. Тогаш тој буквално изјави дека доколку се исполнат барањата на УНЕСКО, тоа ќе ја оштетело општината, а граѓаните ќе излезеле на протести и ќе искажеле непослушност.