Додека господин Којнер – мислителот, во салата пред бројната публика се изјаснуваше против власта и моќта, забележа дека луѓето кои беа пред него се повлекуваат и си заминуваат. Се сврте зад себе и забележа дека зад грбот му стои – Власта.
„Што зборуваше?“, го праша Власта.
„Говорев во прилог на Власта“, одговори господин Којнер.
Откако господин Којнер ја напушти салата, неговите студенти ја доведоа во прашање неговата ‘кичма’. Господин Којнер одговори: „Немам ‘рбет за да биде скршен. Јас сум тој што треба да живее подолго од Власта“.
И господин Којнер ја раскажа следната приказна:
„Еден ден, за време на беззаконието, агент влезе во домот на г-ин Егерс – човек кој знаеше да каже ‘не’. Агентот покажа документ кој беше напишан во име на тие што владееја со градот, и во кој пишуваше дека секој апартман во кој агентот ќе стапне му припаѓа нему; покрај тоа, секоја храна што ќе ја побара му припаѓа нему; покрај тоа, секој човек што ќе го види, мора да му служи.
Агентот седна во фотелја, побара храна, се изми, легна во креветот, и пред да заспие, со лицето кон ѕидот, праша: „Ќе ми бидеш ли слуга?“.
Г-ин Егерс го покри агентот со ќебе, ги избрка мувите, пазеше на него додека спие, и, како и на овој ден, му се покоруваше седум години. Но, што и да направеше за него, едно нешто господин Егерс беше многу внимателен да не го направи: да не изусти ниту еден збор. Сега, кога седум години поминаа и агентот се здебели од јадење, спиење и давање наредби, тој умре. Тогаш г-ин Егерс го завитка во уништеното ќебе, го извлечка од куќата, го испра креветот, ги искречи ѕидовите, зема длабок здив и одговори: „НЕ“.
Бертолт Брехт, „Приказните за Г-ин Којнер“, Од “Measures against power”