Германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето вечерва рече дека Германија се соочува со најголем предизвик уште од Втората светска војна поради епидемијата на „Ковид-19“ и ги повика граѓаните да се придржуваат кон упатствата.
„Ова е најголем предизвик од Втората светска војна, што може да зависи многу од нашата меѓусебна солидарност“, рече Ангела Меркел во вонредното телевизиско обраќање пред граѓаните за прв пат во својата петнаесетгодишна кариера.
Меркел објасни дека коронавирусот „драматично“ го менува животот во Германија.
„Ситуацијата е сериозна и отворена. Нашиот поим за нормален секојдневен живот, јавен живот и социјална заедница: сето ова е во искушение како никогаш досега“, рече Меркел.
Таа објасни дека затворањето на детските игралишта, градинките и салите за настани се „најтежок удар“ врз животите на граѓаните во историјата на Сојузна Република Германија.
Германската канцеларка објасни дека најважно сега е да се придржуваат кон мерките преземени од Федералната влада.
„Апелирам до сите граѓани: да се придржуваат до правилата што важат за следниот период. Ние во владата постојано ќе проверуваме кои мерки можеме да ги промениме, но и што друго може да се искористи“, рече Меркел и додаде дека е од „егзистенцијална“ важност да се сведе јавниот живот на минимум.
Таа објасни дека не е лесно да се воведат овие мерки во демократија, но дека е потребно да се надмине кризата што е можно поскоро.
„Верувајте ми за некој како мене, за кого слободата и патувањето е нешто за што морав да се борам, овие мерки се нешто што може да се оправда само со сериозен итен случај“, рече Меркел, алудирајќи на нејзиното источногерманско потекло.
Таа објасни дека колку долго овие мерки ќе останат во сила не зависи само од нашето однесување, туку е важно и држењето на граѓаните.
“Сите државни мерки ќе бидат залудни ако не го искористиме најефикасниот агент што го имаме во борбата против коронавирусите, а тоа сме ние самите. Ова важи за сите нас”, рече канцеларката.
Таа уште еднаш вети помош за економија која се соочува со ефектите на коронавирусот, притоа истакнувајќи дека има доволно продукти во продавниците.
„Ако полиците се празни денес, утре повторно ќе бидат полни“, рече Меркел, повикувајќи ги граѓаните да не паничат и да не создаваат резерви.
Меркел рече дека ова телевизиско обраќање е „невообичаено“ за неа, која како по правило само се обраќа во редовен новогодишен говор, но дека итниот случај ја принудил на ваков вид комуникација.