Мерка против загадување или мерка против пациентите? Двојно поскап паркинг и на Клинички

Дел од итните мерки против загадувањето, активирани во неделата, се и цените на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“, кои се двојно зголемени во обид да се натераат граѓаните да го користат бесплатниот јавен превоз наместо своите возила.

Меѓутоа, дупла цена ги дочека и пациентите што вчера и денес со свои возила стигнуваат во кругот на Клинички центар:

„200 денари за два часа паркинг на Клинички. Браво за Клинички, браво за Министерство за здравство, браво за мерките против аерозагадувањето, особено кога станува збор за хронична болест“, реагира на социјалните мрежи мајка која денес била на преглед на скопските клиники со своето дете, пренесува САКАМДАКАЖАМ.мк.

Граѓаните се револтирани и сметаат дека мерките против загадувањето директно и неправедно ги погодуваат нив. Особено се на удар пациентите со хронични белодробни заболувања, за кои е опасно да се возат во натрупаните автобуси поради ризик од зарази, а е уште поопасно да пешачат во услови на енормно загадување.

„Кога ни закажуваат термин за операција или за преглед, не знаат дали дента ќе биде загадено или не, дали ќе има вонредни мерки или не“, велат пациентите. Тие потсетуваат дека во болница луѓе одат од мака, а не од ќеиф.

Извор: СДК.мк

 

- Реклама -