Мелони: Нема да дозволам Италија да стане „европски бегалски камп“

Италијанскaтa премиерка Џорџa Мелони изјави во Њујорк дека нема да дозволи Италија да стане „европски бегалски камп“.

Мелони, која присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации, рече дека зголемениот прилив на мигранти на островот Лампедуза ја стави Италија под „неодржлив притисок“.

Мелони ги отфрли критиките за меморандумот за разбирање што ЕУ го потпиша со Тунис за да ги спречи шверцерите на мигранти да ги користат туниските брегови за заминување на бродови преку Медитеранот и нагласи дека договорот мора да се спроведе.

Премиерката, која имаше клучна улога во постигнувањето на тој договор, рече дека слични договори треба да се постигнат и со други земји.

Италијанската премиерка истакна дека сега е заинтересирана да види како солидарноста што ја покажуваат многу земји во однос на мигрантската ситуација во Италија ќе се претвори во конкретни акции.

Италијанската влада усвои мерки во понеделникот во обид да го намали приливот на мигранти, откако рекорден број од нив, околу 11.600, пристигнаа на италијанскиот остров Лампедуза минатата недела.

МИА

- Реклама -