Бо Меккејлеб ја носи Сиена до титулата

Македонскиот репрезентативец Лестер „Бо“ Меккејлеб одигра уште еден фантастичен меч за Монтепаски Сиена и го предводеше својот тим до убедлив триумф од 86:58 против Емпорио Армани Милано, со што „Банкарите“ поведоа со 2:0 во финалната серија од италијанскиот шампионат.

Меккејлеб постигна 21 поен и имаше пет асистенции, а голем дел од последниот период го преседе на клупата, со оглед на тоа дека Монтепаски обезбеди сигурна предност. Ваквата форма на Бо Меккејлеб може само да радува во пресрет на предолимпискиот кошаркарски турнир што ќе се одржи во Венецуела.

Тој ќе треба добро да се одмори, а потоа да им се приклучи на соиграчите од репрезентацијата пред најважното искушение за македонската кошарка.

Во победничкиот тим на Монтепаски Сиена, Каукенас и Рес постигнаа по 11 поени, а Зисис беше стрелец на 10 кошеви. Кај Емпорио Армани Милано немаше ниту еден кошаркар со двоцифрен број поени, што само покажува каква неверојатна одбрана играше Сиена.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -