Мекинтош, нов „плеј“ на Фени индустри

Раководството на Фени индустри осетно го засили играчкиот кадар на овој тим со ангажманот на Кори Мекинтош, кој што синоќа и официјално го ставил својот потпис на договорот со кавадаречкиот клуб. Иако се уште го немаат решено тренерското прашање по заминувањето на Емил Рајковиќ, кавадарчани работат напорно на составување на силен играчки кадар со кој што ќе атакуваат на висок пласман во вториот дел од сезоната. По отпуштањето на Пилчевиќ и Братиќ, јасно беше дека приоритет ќе биде ангажманот на квалитетни странски кошаркари, а прв што потпиша договор со Фени е Американецот Кори Мекинтош.

mekintos feni

Станува збор за 27-годишен плејмејкер кој што во првиот дел од сезоната настапуваше за францускиот второлигаш Тулон. Тој одигра тринаесет одлични средби за оваа екипа и имаше одличен просек од 14,5 поени (шут од поле од 47%), 5,4 асистенции и 3,3 скокови по натпревар, но поради несогласување со управата на клубот на крајот сепак реши да си замине од овој тим. Раководството на Фени експресно постигнало договор со менаџерската агенција на овој кошаркар, па трансферот и официјално е комплетиран, а Мекинтош во најскоро време ќе се приклучи на подготовките на кавадаречкиот тим.

Ангажманот на овој кошаркар е уште еден доказ дека Фени нема намера да се откаже од борбата за висок пласман оваа сезона, без оглед на коренитите промени што се случија во последните триесетина дена.

- Реклама -