Меѓународната изложба „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија

Вчеравечер во Музејот на Република Македонија во Скопје, се отвори меѓународната изложба и симпозиум „Куќата што се распаѓа“ во продукција на Факултетот за работи што не се учат – ФРУ во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“, поддржан од Европската Унија.

Изложбата и симпозиумот „Куќата што се распаѓа“ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, манифестирањето кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна. 

Изложбата е резултат на заложбите на тројца уметници – Вини Хербстајн (Глазгов/Амстердам), Филип Јовановски (Битола/Скопје) и Ану Вахтра (Талин) кои работат на пресекот на меморијата, архитектурата, културното наследство и формирањето на просторот, применувајќи различни уметнички стратегии за повторно да излезат на површината контекстуалните специфичности на грижата, занемарувањето и распаѓањето. 

– Интернационалната изложба и симпозиум насловени „Куќата што се распаѓа“, кои се случуваат овие три дена во Музејот на Република Северна Македонија, нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, манифестирањето кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна. Но исто така во фокусот го имаат и Музејот на Република Северна Макеонија, едно ремек – дело на модернистичката архитектура на авторката Мимоза Томиќ, околу кој некако кружи целиот настан, еден сосема впечатлив и инспиративен објект кој се наоѓа во навистина незавидлива ситуација. Сите дела и на уметничките од странство – Ану Вахтра од Талин, Вини Хербстајн од Глазгов/ Амстердам и на Филип Јовановски од Скопје ја допираат на некаков начин оваа ситуација, но и понатамошната програма индиректно ќе реферира на идеите за грижа, занемарување и распаѓањето, особено во однос на архитектурата, просторната формација и односите со другите сензибилитети- објаснува за Трн Ивана Васева.

Во склоп на проектот, вечерва во 20:00 часот ќе се одржи предавање од Ола Хасанaин (Картум/Амстердам) која низ нејзините уметнички истражувања примарно се фокусира на просторна писменост преку идејата за „просторот како дискурс“.

После предавањето ќе следи дискусија со Марјока де Гриф и Анастасија Пандиловска (Амстердам) од организацијата Suns and Stars и Ивана Васева (Скопје) која е кураторка, истражувачка и програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ.

Вториот ден од настанот ќе се заокружи со селекција на извонредни филмови, и тоа:

Ингел Ваикла – Папагало, колку е часот? (2022) и Јас, исто така, гледам (2024), Феликс Мелија – Пари за ништо (2021), а по филмовите ќе следат куси разговори со уметниците Ингел Ваикла и Феликс Мелија .

Филмовите ги комбинираат темите за јавен и приватен простор, подвижните тела меѓу цврстите ѕидови и начинот на кој ги перципираме, се движиме и живееме во нашите средини.

Во сабота, на третиот ден од настанот од 19:00 започнува Градоте е Јавност – колективна перформативна проба/обиколка низ градот Скопје со водич, како дел од Лабораторијата за перформативно просторно истражување Градот е сцена.

По неа следува ХНУ перформанс истражувачко студио за храна, наука и уметност и музичка селекција на ДЈ Индог на платото пред Музеј на Република Северна Македонија.

- Реклама -