Меѓународната графичката работилница „Софија“ 17 години е бастион на графичката уметност во регионот

Во Богданци, на 20 август, започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по  17-ти пат ги обединува најталентираните млади графичари од Македонија и регионот. Оваа уникатна меѓународна работилница е единствена од ваков тип во земјава и регионот и претставува еден од најзначајните културни настани за графичката уметност на Балканот.

Работилницата ќе трае до 27 август, кога ќе биде крунисана со завршна изложба на студентите учесници, и ќе биде поставена во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Оваа година, учесници на работилницата се 15 млади графичари од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, кои ќе творат под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска со асистенција од Вида Меиќ од Хрватска и Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе имаат можност да работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.

Виктор Семенпеев, претседателот на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот истакнува: „ Ова е единственото место каде студентите имаат можност да работат со сите графички техники, што е огромен придонес за нивното уметничко образование и развој. Нашата визија е да продолжиме да создаваме простор каде младите уметници од регионот ќе можат да ги развиваат своите вештини и да ја поттикнуваат својата креативност.“

Селекцијата на учесници ја вршат академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти, наградени за постигнатиот успех за време на студиите.

Графичката работилница „Софија“ не само што ја одржува традицијата на графичкиот израз, туку и активно ја промовира графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз. Со фонд од над 900 графички листови во неколку примероци, оваа работилница е вистинско богатство за сите љубители на уметноста.

„Графичката работилница е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, и средиште за творештво на многу уметници. Графичката работилница стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот,“ истакнува Ана Димчевска Семенпеева, дел од организацискиот тим на Графичката работилница.  

Историјат и значење на работилницата

Графичката работилница „Софија“ е основана во 2008 година и од тогаш е континуиран центар за творештво, соработка и размена на идеи меѓу младите графичари од регионот. Преку неа, досега поминале над 300 уметници од различни земји, оставајќи зад себе фонд од околу 900 графички дела. Работилницата е препознатлива не само во Македонија, туку и во целиот регион, како место каде што традицијата и современите графички техники се спојуваат во едно.

Главен поддржувач на работилницата е Печатница „Софија“ од Богданци, која од самото основање до денес го овозможува непреченото функционирање на овој важен културен настан, а нејзиното одржување годинава е потпомогнато и од Министерство за култура и туризам на Македонија.

- Реклама -