Меџити: Заканувачките пораки ДУИ сама ги измислува и потоа пријавува во МВР

„Според мои потврдени информации, сами ги пишуваат заканите и сами ги пријавуваат во МВР. Во делот на заканите, ни ние, ни тие не треба да се плашат за своите челници, а во делот на прекршувањето на законите и одговорноста, тоа е друго прашање“, вели првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити

Изет Меџити / Фото: „360 степени“, архива

Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, смета дека заканите кои пристигнале во електронска форма на мејл-адресите на неколку пратеници од редовите на ДУИ, се пишувани од самата партија, која потоа, вели Меџити, сама ги пријавува во МВР.

„На ДУИ никој не им се закануваше додека беа власт, така што нема никаква логика некој да им се заканува сега, кога се опозиција. Имаат проблем со самите себе. Според мои потврдени информации, сами ги пишуваат заканите и сами ги пријавуваат во МВР. Во делот на заканите, ни ние, ни тие не треба да се плашат за своите челници, а во делот на прекршувањето на законите и одговорноста, тоа е друго прашање“,

рече Меџити.

Неговата реакција доаѓа откако пред неколку дена на своите службени мејл-адреси, закани добиле неколкумина од ДУИ, а истото беше потврдено и од МВР. Министерството соопшти на 26 јули дека пораките биле испратени на 23 јули и дека по нив се постапува од надлежното одделение.

Вчера со реакција се јави и опозициската ДУИ, од каде што потенцираа дека заканите се удар за демократијата, во време кога новата власт сака да го пренасочи вниманието за своите неуспеси.

„Сведоци сме  на организирана и смислена кампања за клевети и закани против ДУИ, чија цел е да ги прикрие големите неуспеси и грешки на новата влада во првите месеци од нивниот мандат. Со измислени обвинувања и насилни акции, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од реалните проблеми и катастрофалните резултати на владејачките политики“,

се вели, меѓу другото, во реакцијата на ДУИ.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврди дека пратеници на ДУИ добиле такви електронски пораки од непознат испраќач и најостро ги осуди заканите и обидите за насилство или поттикнување насилство.

- Реклама -