Меџити за уставните измени: Клучот е кај македонските пратеници

Првиот вицепремиер, Изет Меџити денеска истакна дека сите пратеници Албанци се подготвени за да ги изгласаат уставните измени ако уште утре се закаже собраниска седница. Тој потенцира дека клучот за оваа прашање е кај македонските пратеници и посочи дека на оваа чувствителна тема работат со нив заедно со меѓународната заедница.

-Во последните четири години господинот Ахмети зборуваше, но ниту еден милиметар не помрднал. Сега Влен ја има шансата и Влен си го прави своето. Второ, ние правиме колку што ни припаѓа. Не сакаме да ја лажеме јавноста. Сите пратеници Албанци, на број се 30 пратеници и ако уште утре не покануваат на седница ние сме подготвени да ги изгласаме уставните измени. Клучот е кај македонските пратеници. Работиме со нив заедно со меѓународниот фактор, без да ги допираме во чувствителноста бидејќи се работи за идентитет, јазик и ги разбираме како сограѓани затоа што ние знаеме многу добро што значи тоа. Но, ова е единствениот пат и алтернатива да се оди кон Европската унија, рече Меџити.

Тој нагласи дека секојдневно се фокусирани на прашањето околу европската агенда и уставните измени.

-Секојдневно се фокусираме на уставните измени и на европската агенда, но не како овие другите кои во изминатите осум години постојано го злоупотребуваа фронтот, се нарекуваат Европски фронт но го злоупотребија европското знаме и европската агенда. Ниту еден милиметар не ја поместиле работата во оваа насока. Правило во демократијата е дека опозицијата мора да молчи во првите 100 дена, но тие не молчат. Тие се гласни, но не оти се грижат за европската агенда, туку за себе им е гајле, рече тој.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: Патериците на Али Ахмети испуштаат очајнички крици за да ги прикријат своите неуспеси

На новинарско прашање дали има информации околу најавите на ДУИ за протести за дестабилизација на државата, Меџити потенцира дека Албанците немаат ниту желба, ниту посакуваат да протестираат и да демонстрираат кога немаат политичка кауза.

-Точно е дека им е тешко да се соочат со новата реалност после 20 години да бидат опозиција, но уште еднаш ќе ги повикам да се вратат на себеси, да се реформираат, нова програма, нови идеи ако сакаат да се вратат некогаш како значаен фактор во општеството. Во спротивно, мислам дека Албанците немаат ниту желба, ниту посакуваат да протестираат, да демонстрираат кога немаат политичка кауза. Нивната кауза е да се спасат „Соравија“ и сите коруптивни зделки, така што тоа нема ништо заедничко со албанските интереси или пак со албанската кауза. Значи, што и да е, немаат никаква поддршка кај членството и кај Албанците. Секој што ќе мисли за нешто друго сигурно знаат дека тоа не оди во нивен прилог и ќе се соочат со последиците, рече Меџити.

- Реклама -