Меџити: Владата ќе вложи 34,5 милиони евра за изградба на кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“

Првиот вицепремиер вели дека се работи интензивно да се добијат дозволите за градба што е еден од условите заедно со финансиската основа за да се отвори тендер и во скоро време да се стави камен-темелникот на кампусот кој ќе има амфитеатар, канцеларии, спортска сала, базен, менза и тоа ќе биде еден модерен комплекс

Со инвестиција од 34,5 милиони евра ќе се гради кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, одлучи денеска Владата.

Оваа информација на прес-конференција ја соопшти првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, оценувајќи дека станува збор за „историска одлука за која генерациите сонувале со децении“.

Според Меџити, проектот кој е веќе изработен е доставен до Министерството за транспорт бидејќи станува збор за објект од прва категорија.

Меџити вели дека надлежните работат на подготовка на сите постапки.

„Се работи интензивно да се добијат дозволите за градба што е еден од условите заедно со финансиската основа за да се отвори тендер и во скоро време да се стави камен-темелникот на кампусот кој ќе има амфитеатар, канцеларии, спортска сала, базен, менза и тоа ќе биде еден модерен комплекс“,

рече Меџити.

Овој објект, како што рече Меџити, не е само обична градба, туку „симбол на нашата визија за светла иднина за младите и за нашата земја“.

„Со децении генерациите сонуваа за ваков образовен центар што ќе го збогати не само знаењето туку и душата на целата нација. Денеска тој сон станува реалност“,

додаде тој.

Меџити рече дека на Универзитетот „Мајка Тереза“ се запишани околу 5 000 студенти од целата земја кои студираат во првиот и вториот циклус и кои ја градат иднината во главниот град.

„Од основањето во 2015 година функционираат осум факултети каде што работат 100 академски кадри и 80 административци кои секој ден создаваат нови генерации кои ќе бидат подготвени како нивните колеги не само во земјата туку и на меѓународен план“,

додаде тој.

Според него, почетокот на постапката за изградба на овој универзитетски кампус е неопходен и од посебна важност како историски чин за создавање најдобри услови за младите и нивно задржување во државата.

- Реклама -