Меџити: Со законот за правична застапеност на Уставниот суд нема да му се даде можност во иднина да укинува закони само со просто мнозинство

Првиот вицепремиер потенцира дека се согласни оти рокот на „балансерот“ поминал и неопходен е нов механизам или закон за правична и соодветна застапеност на Албанците и другите етнички заедници

Работна група составена од универзитетски професори ќе ги разгледуваат предложените закони модели со кои ќе се регулира прашањето за правична и соодветна застапеност на етничките заедници Македонија и ќе го изберат најдоброто решение, вели првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Според Меџити, суштинскиот проблем е тоа што албанските партии во минатите влади дозволиле закон или закони да се носат со две мнозинства и му овозможиле на Уставниот суд да ги укине само со просто мнозинство. 

Меџити пред два дена најави дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, што Уставниот суд ја укина.  

Тој вели дека тоа законско решение ќе биде во духот на тоа да се почитува уставната категорија на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во Македонија со тоа што нема да му се даде можност на Уставниот суд во иднина да го укинува овој закон, како што според Меџити, било досега.

„Тука доаѓаме до суштинскиот проблем што албанските партии во минатите влади ни го оставија во наследство – дозволија закон или закони кои се донесуваат со многу труд и политички вложувања да се носат со две мнозинства (со просто мнозинство и Бадентеровото мнозинство) и му овозможија на Уставниот суд утре да ги укине само со просто мнозинство“,

рече Меџити денеска во изјава за медиумите.

Тоа, според него, е главниот дефект што го оставиле оние што „денес плачат“, бидејќи да беше поинаку, како што рече тој, на седницата за „балансерот“ тројцата судии од кои двајца Албанци и еден Турчин, ќе гласаа против и немаше да се укине механизмот.

„Овој дефект го наследивме од ДУИ, не ги имаат решено прашањата како што треба и ние се занимаваме со неуспесите на ДУИ и другите кои беа дел од претходните Влади. Актуелната Влада има политички и демократски капацитет за да најде решение кое ќе ја почитува уставната категорија на правична и соодветна застапеност на Албанците и другите немнозински етнички заедници во јавната и државната администрација, не давајќи му никакви шанси на Уставниот суд во иднина да го укине“,

рече тој.

Меџити посочи дека овој проблем не е само за „балансерот“, туку за сето тоа што произлегува од Охридскиот договор и што има врска со идентитетот на Албанците и другите етнички заедници во Македонија кои не се мнозинство.

Првиот вицепремиер потенцира дека се согласни оти рокот на „балансерот“ поминал и неопходен е нов механизам или закон за правична и соодветна застапеност на Албанците и другите етнички заедници.

„Не ги разбирам тие што плачат, затоа што истите тие во 2023 година на седница на Владата гласаа за Стратегијата каде бараа да се укине балансерот. Ова по седницата го изјавија и премиерот Ковачевски и други функционери. На ист став сме и тогаш и денес – сметаме дека рокот за ‘балансерот’ помина и на Македонија и треба нов механизам или закон за правична и соодветна застапеност на Албанците. Ги имате слушнато и изјавите на нашите партнери во Владата, почнувајќи од премиерот до министерот за јавна администрација, кои потврдуваат дека тоа е уставна категорија и дека Владата има капацитет да го заокружи ова прашање со закон кој ќе обезбеди правична и квалитетна застапеност во иднина“,

рече тој. 

Меџити потенцира дека треба да се земе предвид и анализата на поранешниот министер за администрација Адмирим Алити, кој посочува дека Албанците биле подобро претставени со политички договори кога биле отворени конкурси за 500, 700 работни места, отколку кога бил воспоставен механизмот „балансер“. 

Уставниот суд на седница што се одржа во средата одлучи да го укине „балансерот“ и оти одлуката нема да важи ретроактивно.

Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја одлуката за укинување на „балансерот“, за која рече дека е донесена со мнозинство гласови, рече дека е лага и манипулација тврдењето оти Уставниот суд со ваквата одлука укинува права на заедниците.

Според него, преминот во зрела демократија подразбира реална, а не лажна посветеност кон владеењето на правото, односно висока политичка и уставна култура и почитување на Уставот.

Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.

Одлуката за поведување постапка за „балансерот“ предизвика реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.

Зијадин Села од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, исто така, оцени дека со укинување на „балансерот“ се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.

 

- Реклама -