Меџити: Мора да внимаваме на уставната категорија правична застапеност, но и да не дојдеме во судир со Уставот и утре пак да ни се случи истото

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити се согласува нацрт законот за правична застапеност да биде испратен до Венецијанската комисија пред да се донесе, за, како што вели, да се избегнат половични решенија.

-Законот, зошто да не. Добро е драфт законот да оди за да биде се чисто и на крај да не испадне како сегашните закони коишто се половични и затоа се проблематични, како Законот за јазиците, со балансерот. Немаме против тоа, а што ќе содржи не можам да кажам. Но, можам да ви кажам дека ќе има јавна дебата кај што ќе се инволвираат инклузивно и академци од сите универзитети, стручни професионалци од таа сфера се во функција да биде најдобро решение и решение кое не може утре, задутре да се оспори од некој. Значи, мора да внимаваме на уставната категорија правична застапеност, но, воедно да не дојдеме во судир со Уставот и пак утре-задутре да ни се случи оваа ситуација, вели Меџити на новинарско прашање.

Прашан кога очекува да биде подготвена драфт верзијата, тој вели дека се работи на тоа.

Прочитајте и:  Меџити „ги смирува“ Албанците во Македонија и надвор: Стекнатите права не може да се деградираат, туку ќе се унапредат

Портпаролката на Владата Марија Митева денеска изјави дека до Владата досега не е пристигнато предлог решение за правична застапеност откако Уставниот суд го укина Балансерот. Митева вели дека прашањето е отворено и дека ќе се разговара во рамки на коалицијата и ќе се отвори широка дебата. Ставот на Владата е пред да се донесе законското решение, да биде испратено до Венецијанската комисија.

–  Во овој момент нема такво решение коешто е проследено до Владата, ниту на владина седница и за истото веднаш штом се создаде можноста, јавноста ќе биде информирана. Во однос на Балансерот којшто е укинат веќе го кажавме ставот дека истиот ја заврши својата употребна вредност така што целиме кон затворање на прашањата коишто во минатото се покажале како непродуктивни и создавање на нови решенија кои ќе значат навистина правична застапеност, рече Митева на денешната прес-конференција во Владата.

По укинувањето на Балансерот, од коалицијата „Вреди“ најавија дека подготвуваат предлог-законско решение. Министерот за здравство Арбен Таравари во саботата во изјава за медиумите рече дека законот се подготвува и за оваа недела најави јавна дебата.

- Реклама -