Маури уапсен за лажирање натпревари

Капитенот на Лацио, Стефано Маури е уапсен утрово во нова акција на италијанската полиција како дел од истрагата поврзана со наместени натпревари во Серија А и Серија Б.

Во акцијата во која имаше 19 нови апсења, Маури е лишен од слобода во својот дом, а според најавите на италијанските медиуми под сомнение е и тренерот на Јувентус, Антонио Конте, кој сепак не е меѓу уапсените. Конте се сомничи за сомнителни активности додека беше на клупата на Сиена. Дел од медиумите на Апенините наведуваат дека деновиве се очекуваат нови апсења како дел од обидот да се расчисти со организираните криминални активности.

Покрај Стефано Маури меѓу уапсените се и Кристијан Бертани (Сампдорија), Омар Милането (поранешен играч на Џенова), Марко Турати (Модена) како и уште пет лица од Унгарија кои во обложувачките кругови работеле под налог на Тан Сет Енг од Сингапур, кој пак, беше уапсен на крајот од минатата година.

Од имињата кои не се уапсени а се под сомнение се спомнуваат и Доменико Кришчито, Серџо Пелисие, Џузепе Скули и Каха Каладзе. Интересно е дека полицијата веќе контактирала и со селекторот на Италија, Чезаре Прандели, и му најавила дека треба да размислува и за две – три резервни варијанти во составот. Тој до утре до 12 часот треба да го соопшти конечниот список за ЕВРО 2012, а можеби Кришчито нема да добие дозвола за настап.

Можно е да следат и дополнителни активности на полицијата кои директно ќе влијаат и на репрезентативната селекција на „Аѕурите“ во пресрет на ЕП 2012.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -