Материјализмот е за пред народот

IMG_9043_1000[1]

„Многу мажи ширум светот станаа толку фокусирани на нивната желба за материјално богатство, што го напуштија или никогаш не го развија стремежот кон ментално согледување на нештата. ова е очигледно од примерите во светот денес. Некои млади мажи се впуштаат во нивната жед за изобилство по сомнителни патишта, како криминал, изнудување или други помалку ‘почитувани’ активности, како коцката. Штом го добијат тоа богатсво, ги користат тие пари да ја нахранат својата суета со купување на материјални добра, а јас се прашувам зошто ли е овој стремеж кон материјализмот, кој аспект е толку привлечен? Зарем сет од платинести заби е повеќе воодушевувачки од патување во друга земја кое нуди простор за интроспекција? Зарем купувањето на смешно преценета облека и акцесоари со цел да се импресионираат врсниците е подобро од тоа да се врати нешто на семејството, особено на родителите, кои животот го посветиле на тоа да те израснат? Ако одговори со ‘не’ на овие прашања во твојата глава, ако учествуваш во експресијата на суетата и сакаш да аргументираш против овие ставови затоа што се чувствуваш презиран – не те обвинувам. Кој сум всушност јас за да го преиспитувам твоето трошење? Јас сум исто така некој кој можеби нема да ти влијае на животот во иднина, како и да е, сакам да ти влијаам на умот токму сега, за да ти покажам дека има позадоволителни нешта од материјализмот.

Подобро е да си незадоволен Сократ, отколку задоволен будала

Ова е извадок од книгата на Џон Стјуарт Мил – Утилитаријанизам. Цитатот истакнува дека е подобро да си Сократ – признатиот филозоф кој инсистираше на интелектуална потрага, дури и ако во овој живот може да си понезадоволен од будалата чиј живот е фокусиран на подолните задоволства како материјализмот, преку кој се задоволува. Тука се поставува и едно друго прашање: Зошто да се стремиме да живееме живот кој најверојатно ќе не направи незадоволни? Одговорот е: бидејќи има повеќе и поголеми нешта во животот отколку она на што многумина се самоограничуваат да го искусат.

Во книгата, Мил зборува за повисоки и пониски задоволства: на пример, читање на Сократов дијалог би било сметано за повисокото задоволство во споредба со играњето фудбал во парк. Не мора да се согласиме по конкретниов пример, но неизбежно е да се согласиме дека постојат разни други задоволства во светот кои многу не ги искусуваат бидејќи општеството ги има сегрегирано задоволствата по однос на одредени слоеви од масите. На пример, театарот е за средната класа, фудбалот е за работничката класа, политиката за високата класа, телевизијата – повторно за работничката класа. Многумина слепо се потчинуваат на таквата сегрегација и ја промовираат истата во рамките на нивниот општествен слој и култура. Во денешниов модерен свет, највпечатлива е таа на материјализмот кај младината.

Општеството промовира материјализам до степен да е штетен за нас. Иако многу од младите луѓе го сфаќаат овој факт, со своите дела продолжуваат да придонесуваат кон штетата, на пример, преку методите на фундирање на материјализмот. Голем дел од младите растат во средини опкружени со врсници кои учестуваат во криминални активности. Сличноста помеѓу сите нив е тоа што нивните семејства страдаат на финансиско поле и материјална депривација. Влијанието од постарите врсници, музиката, медиумите и самата околина ги охрабрува овие луѓе да се впуштат во криминален живот со цел да можат финансиски да се самоодржуваат. Но, истовремено додека нивните семејства се крајно сиромашни, младите креираат лажна персона која ги претставува како да се богати – сето тоа преку купувањето на материјални добра. А сепак, овие пари одат на тоа да се изгледа кул пред врсниците, а не да се успокои јас-ството.

Овој метод на потрага по материјализмот е очигледен кај сиромашната младина – тоа е затворен круг. Се глорифицираат бесните коли, скапите акцесоари, облека и сите нешта што доаѓаат како резултат – жени, популарност и слава. Тоа што многумина не го сфаќаат е дека токму материјализмот е делумна причина за тоа што многумина запливуваат во криминалните води, бидејќи доаѓаат од сиромашни семејства и/или не можат да ги постигнат овие нешта преку прифатливи методи како наоѓање на добра работа. Не дека материјализмот е по дифолт причина за сиот криминал, но очигледно е дека тој е едно од влијанијата што ја тера раката да делува.

Од друга страна, тие што се вмешани во таква потрага по материјализмот исто така развиваат и силно его, неоснована гордост и репутација која другите од нивниот круг очекуваат да биде одржана. На пример, ако е конфронтиран или критикуван некој дилер на дрога, измамник или член на озлогласена банда, за разлика од повеќето луѓе кои со тоа би се справиле на разумен начин, ова лице  настојува да ја одржи неговата кршлива репутација и веројатно е дека ќе употреби насилство како начин да ја наметне неговата доминација и да се здобие со повеќе почит. Има многу причини за членувањето во банда, но многу веројатно е дека кога овие лица не би живееле во материјална депривација, тие не би продавале дрога или би наметнувале страв, но во потрагата по почит, материјализмот како фактор е очиледен.

Тие што ги омаловажуваат луѓето што немаат материјални добра, пак, само помагаат во наметнувањето на магичниот круг и го промовираат овој менталитет,  заташкувајќи ја потребата од тоа луѓето да се фокусираат на она што навистина е важно во младоста, а и во зрелите години – едукација и интроспекција (самоосознавање). Дека воспоставениот едукативен систем е добар – тешко, но има многу позитивни страни. Преку едукацијата, младиот човек може да научи многу за себе, штом еднаш излезе од калапот на безусловна потчинетост кон сé што е диктирано од авторитетите.

Од друга страна, во многу случаи, самите учители, а некогаш и родителите го наметнуваат менталитетот на неуспех кај младите луѓе. Дури и кога не е така, тоа постојано се случува во текот на животот, било самопотценување да се јави како резултат на несреќни животни околности или како последица од односот на другите луѓе. За да може младиот (и секој) ум да се избори и да ги надмине таквите бариери, потребна му е интроспекција. Преку разимслување и самоопсервација, човекот има моќ да осознае дека всушност нема посебна желба кон материјализмот и дека кога и да му се потчини, обично тоа е за да ги задоволи очекувањата на другите, без лично да ги посакува тие скапи нешта.

Прашањето е: кога ќе ги соблечеш скапите парчиња облека и кога ќе ги симнеш очилата за сонце од познат светски бренд, различен ли си од едно обично новородено бебе? Или си гол и не можеш да најдеш ништо суштинско што би те издвоило од другите твои врсници? Дали си тоа ти? Не е поентата ова да звучи вообразено, но потребна е промена во перспективата. Наместо парадирање со скап Ролекс, не ли е подобро да се посветиме на други рефлективни активности, каде што нема публика која треба да ја усреќиме и каде што можеме да постигнеме повисоки рамништа како човечки суштества?

- Реклама -