Машката пунџа како лек за ќелавост

Кога прв пат отидов со девојка ми на плажа, таа не пропушти да ми го упропасти искуството – ненамерно, ама класично женски. Ми кажа дека девојките што на плажа седат со кратки шорцеви наместо со „прописни“ купачи – имаат добиено.

Претходно, мојот машки мозок не ги забележуваше. Да, гледав дека има девојки со шорцеви, ама никогаш не фатив да преиспитувам зошто носат тоа што носат – нивна работа. По информацијата е обратно. Одеднаш ги има сé повеќе такви, (не, туку глупиот ми мозок сега ги регистрира), а јас – таков емпатичен каков што сум, секогаш ги сожалувам. Овие девојки, веројатно како и јас и ти, цела година се борат со стресови и трчаат по обврски. И сега, во тие неколку дена додека се на одмор, мораат ли да поминуваат низ ова и да им се расипе уживањето? PS. Им ги жалам и дечковците/мажите, ама нив многу помалку. PPS. Некогаш само набљудувам дали ќе влезат во вода. Обично не. Поретко – само до колена.

Како и да е, ова погоре е само увертира за да ја објасни вашата моментална ситуација. Со самото читање на насловот, во вас веќе е посадено зрното на сожалување за сите мажи со пунџа што ќе ги видите во иднина, почнувајќи од овој момент. Да, јас сум ви девојката, вие сте на плажа, пунџата е шорцевите, а добиеното е ќелавоста. Па, кога веќе е предоцна за назад, слободно разгледајте ги и сликите.

Дап, се чини дури и Герет Бејл си има свои проблеми. Ѝ паднаа во очи на јавноста за време на Европското во 2016-та, по што негов пријател (жити пријателот) откри дека Бејл веќе некое време носи пунџа за да скрие дека оќелавува. Оттогаш трикот веројатно го пробуваат и многу други мажи, и навидум добро им оди.

Во случај некој од вас да е кандидат, сепак треба да знае дека ова може да има и последици. Влечењето на косата во затегната пунџа нанесува голем товар врз фоликулите на влакната, што со тек на време може уште повеќе да ги оштети и да предизвика уште пообилно паѓање на косата (состојба медицински позната како traction alopecia). Ова не се однесува само на мажите што носат пунџа поради ќелавост, туку и на овие другиве со здрава коса. Така што, носете си ја, ама како и сé друго во животот, пунџата треба да ви биде лабава.

- Реклама -