Во 18 и 19 век, етиката не ѝ дозволувала на една дама да се соблече во костим за капење и да влезе во морето пред очите на другите. Со цел да им се овозможи на жените пристап до плажа, а истовремено да ги задржат својата скромност, достоинство и пристојност, постоеле т.н. „машини за капење“. Се појавиле во Велика Британија околу 1750 година, кога уште не биле измислени костумите за капење и луѓето обично пливале голи. А дури и кога се појавуваат раните форми на пливачка облека, тогашното општество решава дека „угледна жена“ не треба да биде видена во таква.
По Британија, кабините почнуваат да се шират и во САД, Франција и Германија.
Во принцип, овие „машини“ се дрвени соблекувални на тркала. Жената влегува во кабината на брегот, облечена во секојдневната пристојна облека. Скриена од другите погледи, го облекува костумот за капење, кој по ништо не личи на денешните т.е. покрива 10 пати повеќе од добар дел од парчињата што денес се секојдневие од летната мода. Кабината се одвлекува во водата, најчесто со коњи, а кога е доволно далеку од туѓите машки погледи, дамата излегува од кабината и плива. Добар дел од кабините имале и дополнителни тенди што се извлекувале директно над водата, за уште поголема приватност.
Многу од плажите обично нуделе и услуги од помошник. Поточно, помошничка – „dipper“ – исклучиво друга жена, доволно силна за да може да ја однесе пливачката во водата, а потоа – да ја врати назад. Ако дамата не знаела да плива (а такви биле најголем дел од жените), нејзината безбедност се гарантира со ремен врзан околу половината. Кога ќе заврши со своите водени авантури, жената се враќа во кабината, се средува и повторно се облекува во „дамско“, а кога е подготвена, им сигнализира на „кочијашите“ кревајќи мало знаменце сместено некаде на покривот на кабината.
Падот на машините за капење конечно почнува некаде во раните 1900-ти, кога е укината легалната сегрегација на плажите на машки и женски. Мажите и жените почнуваат да се капат заедно, а некаде до 1920-тите, кабините целосно ќе бидат исфрлени од употреба, освен како кетеринг за стари лица.