„Масерати“ во кое бил синот на Амди Бајрам предизвикало хаос на „Партизанска“, Бајрам физички се пресметувал со присутните

Синоќа (21 јуни) во 22.30 часот, на булеварот „Партизански одреди“, во близина на хотелот „Карпош“, возило марка „Масерати“, кое се движело со брзина над дозволената, удрило две други возила и предизвикало верижен судар, објави „Република“, повикувајќи се на сведоци кои се нашле на местото на настанот.

Според „Република“, возач на возилото бил Габриел Бајрам, син на долгогодишниот политичар Амди Бајрам, кој бил во алкохолизирана состојба. Откако ги оштетил останатите возила и предизвикал сообраќајка, Г.Б. излегол од возилото и со тупаници ги нападнал присутните, пишува порталот.

И според МВР Габриел Бајрам ги нападнал присутните, но тој не управувал со возилото:

„На 21.06.2020 во 22.30 во СВР Скопје, А.И. (20) од Скопје пријавил дека пред сендвичара на бул. Партизански одреди во Скопје, по претходно случена сообраќајна незгода помеѓу ‘фиат пунто’, кое тој го управувал, патничко моторно возило ‘опела астра’ со скопски регистарски ознаки управувано од Г.Г. (23) од Куманово и патничко моторно возило ‘Масерати’ со скопски регистарски ознаки управувано од М.А. (27) од Скопје, бил физички нападнат од совозачот во патничко моторно возило ‘Масерати’ Г.Б. (38) од Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.

По објавувањето на информацијата во медиумите, се огласи и прозваниот Габриел Бајрам. Тој е категоричен дека ниту управувал со возилото, ниту некого нападнал:

„Изјавувам дека јас не сум го управувал возилото кое било вклучено во сообраќајната незгода, а исто така не сум нападнал физички ‘некого од присутните’. За волја на вистината, јас сум оштетениот и бев нападнат од страна на еден од учесниците во сообраќајната незгода“ – вели Бајрам.

- Реклама -