Мартинез нов менаџер на Ливерпул

Роберто Мартинез е стручњакот кому му се даваат најголеми шанси да седне на клупата на Ливерпул откако беше објавено дека стратегот на Виган во текот на викендов ќе отпатува за САД, каде што на почетокот од следната недела ќе има официјални разговори со челниците на премиерлигашот од „Енфилд роуд“.

Американските сопственици пред само неколку дена го сменија Кени Далглиш од менаџерската функција и најавија дека сакаат да ангажираат млад стратег кому би му биле дадени неколку години за да го врати Ливерпул при самиот врв на англискиот фудбал.

Иако во игра беа уште неколку домашни и странски имиња, изборот паднал токму врз Шпанецот Мартинез поради атрактивниот фудбал на којшто тој инсистираше со потпросечниот состав на Виган. Екипата на Виган во финишот од сезонава успеа да слави над Арсенал, Њукасл и Манчестер јунајтед и да се избори за опстанок во елитата, па челниците на овој клуб решија да не му стојат на патот на својот стратег доколку тој реши да се пресели на кормилото на Ливерпул.

Прочитајте и:  Роналдо сака да стане прв човек на бразилскиот фудбал и да го доведе Гвардиола за тренер

Англиските медиуми најавуваат дека на Мартинез ќе му биде понуден четиригодишен договор и буџет од околу 50 милиони фунти за нови засилувања, што би требало да биде сосема доволно за младиот шпански стратег да го прифати големиот предизвик наречен Ливерпул.

Доколку преговорите се одвиваат без поголеми проблеми, промоцијата на Роберто Мартинез на „Енфилд“ би можела да се случи кон крајот на идната недела. Доколку Мартинез од која било причина ја одбие понудата на „Црвените“, тогаш челниците на Ливерпул своето внимание ќе го насочат кон останатите стратези од својата листа на желби, првенствено кон поранешниот стратег на Челзи и Порто, Андре Вилаш-Боаш.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -