Маркетингшкиот трик на векот

bottled-water[1]

Во следните неколку години, флашираната вода за пиење најверојатно ќе ја надмине продажбата на газирани пијалоци. Изненадувачки, ама тоа е добра вест за многу од гигантите кои произведуваат безалкохолни пијалоци. Не толку добра за потрошувачите, од друга страна.

„Флашираната вода е маркетинг трик на векот“, пишува Џон Џуел во The Week.

Зошто?

Компаниите кои флашираат минерална или изворска вода успејаа да ги убедат западните потрошувачи дека купувањето на вода за пиење е поздрав избор во споредба со купување на газирани пијалоци – кои содржат шеќер, или купување на газирана вода. Но, споредбата во многу случаи е погрешна, смета Џуел. Флашираната вода не е алтернатива на газираните сокови и газираната вода, па да се споредува со нив – реално, таа е алтернатива на многу поевтината нефлаширана вода за пиење, која тече од чешмите. Многумина ќе нафрлат и дека е многу понееколошка варијанта, заради користењето на пластични шишиња.

„Купувањето на флаширана вода ни овозможува да ја изразиме нашата уникатна личност и грижата за телото и животната средина“, пишува Џуел. А фокусот околу исхраната и независноста на човекот како сопствено чувство е токму она што големите производители на безалкохолни пијалоци сега се обидуваат да го наметнат преку маркетинг кампањите.

Во 2014 година, обемот на продажба на флаширана вода, кај водечките брендови во САД, се зголеми за 7 до 9%. За споредба, продажбата на кола – Пепси кола или Кока кола, годинава падна за скоро 3%. Ако бројките нешто покажуваат, тоа е дека жедта за флаширана вода кај луѓето – се зголемува.

Coca-Cola Enterprises Inc, од Европа – една од водечките компании за флаширани газирани пијалоци на европскиот пазар, објави дека вкупната количина на флаширана вода на нивното „мени“ пораснала за цели 12% во 2015-та, во однос на претходната година.

Преку маркетингот, производителите успешно ја подигнаа флашираната вода до статус на здрав пијалок, забележува Џуел.

И иако флашираната вода во САД, на пример, може да чини и до 2000 пати повеќе од чистата вода од чешма, водата во шише носи изненадувачки ниски профити за компаниите. Овие фирми инвестираат не само во обична флаширана вода од чешма – што е најзастапено и, според Џуел, е најголемиот маркетингшки трик на векот, туку и во нови видови вода, која е поскапа од класичната H2O.

Еве на пример, во 2016 година „Пепси“ ќе ја претстави својата нова газирана вода „Aquafina“, која е „засладена“ со различни пријатни вкусови. Овие пијалоци ќе бидат официјален спонзор на њујоршката модна недела која ќе се одржи на пролет, а манекенките и гостите ќе се погрижат да ни пуштат лиги за да не заборавиме да ја пробаме и ние. Истовремено, Кока-Кола ќе ја претстави својата Smartwater, чие рекламно лице е актерката Џенифер Анистон.

„Флашираната вода е бизнис вреден 13 милијарди долари, кој логично нема потреба да постои“, смета Џуел. Сепак, тој е свесен за фактот што водата во шише во САД, па и кај нас, прерасна во симбол на модерната култура на еднократна употреба, култура која повеќе го цени брендирањето отколку животната средина.

- Реклама -