Мора ли да повториме? Мора ли баш да го објаснуваме очигледното и да укажуваме на факт што секој на планетава досега сигурно го сфатил?
Го знаете човекот одговорен за допуштање лаги и неточни информации да се шират за време на изборите во САД.
Го знаете човекот кој од таа турбулентната кампања произлезе како човек кој не полага сметка пред никого, и кој поседува огромна моќ и влијание.
Го знаете овој човек бидејќи тој може многу лесно да стане најопасната личност на планетава.
Станете и поздравете го Цезарот на 21-иот век – Марк Закеберг. Она де, типчето од Фејсбук.
Некое време му успеаше да залаже многумина од нас со неговата „кежуал маичка со кратки ракави“, и „кул типче што носи патики“ персона, со неговите добронамерни апели за обединување на светот и живот во мир под плаштот на неговата филантропска организација, со неговите ветувања дека сите ќе нé поврзе и дека никој веќе никогаш нема да се почувствува осамено. Човекот просто како да беше дете производ на љубовта на Боб Гелдоф и Мајка Тереза.
Ама „бубалица-со-наивен-сон-за-обединување-на-светот“ рутината на Закерберг почна да излитува уште пред неколку години. А однесувањето на Фејсбук за време на изборите само ја зацврсти неговата улога како најголем обликувач на влијание и јавно мислење на планетата.
Фесјбук беше главниот пренесувач на безброј лажни приказни за време на кампањата. И кога половина од сите Американци ја користат социјалната платформа како главен извор на вести и информации – нашите бројки се исто толку запрепастувачки: 95 проценти од Австралијанците имаат свој профил и минуваат 12.5 часа неделно како активни корисници – неговата способност да ја подбуцнува и да ја води публиката е скоро без преседан. Ниту еден римски император ја немал таа моќ.
Ја имате онаа лажна приказна споделена речиси милион пати дека Папата го поддржал Доналд Трамп. Дека Тејлор Свифт гласала за Трамп. И кој може да ги изброи сите оние текстови, сите без сигурен извор, дека Хилари Клинтон страдала од ментална болест или неизлечива болест?
Одговорот на Закербер беше неискрен, плиток, и незадоволителен. „Прилично луда идеја“, одговори тој на обвинувањето дека Фејсбук имал влијание врз изборите. „Вестите и медијата не се примарните нешта што луѓето ги прават на Фејсбук, па чудно ми е кога луѓето инсистираат да се нарекуваме новинска агенција или медиска компанија, со цел да ја прикажеме реално нашата важност. Ние сме технолошка компанија, бидејќи главното нешто што го правиме во полето на многу продукти – е инженерство и изградба на технологијата потребна за сите тие нешта“.
Ах да, еве го. Стариот добар „ние-сме-само-пар-нердови-што-ги-поврзуваат-луѓето“ изговор. Гикови кои не знаат да напишат едноставен алгоритам за да го ослободат Фејсбук од лажни вести?
Се сеќавате кога Фејсбук беше само уште еден нов ‘клинец’ во бранот од социјални медиуми? Големиот насилник од кој сите се плашеа беше Гугл, кој пак продолжи по патот да стане најголемата парична каса во историјата – глобална фабрика за процесирање на податоци, единствено водена со намера да остави отпечатоци од своите прсти врз секоја парична транскација на планетава.
Но Фејсбук, и покрај постојаните обиди на Закерберг да го прикаже како ентитет воден од граѓанска мисла и посветен на поврзување на секоја жива душа на Земјата – и судејќи по речиси непостоечката опција да го затвориш својот Фејсбук профил, вклучително и за мртвите – е исто така посветен и на акумулирање на влијание и моќ, и оформување на идеи и мислења.
Не само што располага со повеќе од една милијарда активни корисници секој ден, туку и ги узурпираше традиционалните медиумски организации – обврзани со бајати владини регулативи и правила за транспарентно однесување – преземајќи ја позицијата на водечка светска платформа за содржини, дозволувајќи му на поединецот да избере каква содржина го интересира.
Сé тоа е супер, некои од вас ќе бликнат. Повеќе моќ за индивидуата на сметка на тие пристрасни медиумски барони од минатото. Но Фејсбук никогаш и пред никого не полага/л сметки за своите алгоритми. Нема транспарентност кога станува збор за тоа како ги избира неговите контроверзни „тренди теми“ (trending topics), надвор од тоа што Фејсбук одрекува дека е наклонет кон сториите со либерална гледна точка.
Престанав да користам Фејсбук пред неколку години. Се изморив од непрекинатите барања за пријателства, нападните имеил потсетници, константниот обид да се дограбат до што повеќе информации околу мојот живот и каде сум јадел/купувал/пиел и дишел во секое време. Посиромашен ли ми е животот сега? Мислам дека вака е подобро, бидејќи што помалку Закерберг знае за мене, толку побезбедно се чувствувам.
Една пријателка неодамна ми призна дека би сакала да се откаже од Фејсбук, но дека се плаши од последиците. Последниот пат кога го направила тоа, поканите за забави и собиранки со прјателите престанале да пристигнуваат преку ноќ. Се нашла во ситуација да биде изоставена и незабележана додека бесно мафтала кон група пријатели преопседнати со гледање во екранот и следење на нивните Фејсбук њуз фидови за да можат да погледнат нагоре и да ја забележат.
Пак ќе ја охрабрам да се откаже. Пораката од САД од изборите беше јасна и гласна.
Марк Закерберг? Тој не ни е пријател.
Гери Лајнел, за The Sydney Morning Herald