„Перформансот не е театар, не е забава. Тоа е сериозна работа.
Во театарот крвта е кечап, во перформансот сé е вистинско“
Марина Абрамовиќ
На патот од Белград до Њујорк
Марина Абрамовиќ (родена во 1946 година во Белград, значи денес има 67 години) е најпознат перформанс уметник во светот. Таа од 1965 година студирала на Академијата за ликовни уметности во Белград, па завршила постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности во Загреб, по што предавала на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад.
Била професор на високите школи во Берлин и Хамбург, како и визитинг професор на Академијата во Париз. Од 1997 до 2004 година била предавач на Факултетот за ликовни уметности во Брауншвајг (град во германската сојузна држава Долна Саксонија) и тоа за уметноста на перформансот. Од 1975 година живеела во Амстердам, а есента во 2005 година се преселила во Њујорк, каде има основано Независна перформанс група со избрани млади уметници, Форум за актуелна перформанс уметност, а наскоро ќе отвори и Институт во градчето Хадсон во близина на Њујорк.
Сликарството уште во самите почетоци на своето творештво го заменила со боди арт, односно движење, мимика и гестови, инсистирајќи на јазикот на телото на играчите, акробатите, селските бајачи и тибетантските калуѓери.
Нејзините планови и намери се да ја сочува својата уметност на перформансот за идните генерации.
По истражувањата во областа на сликарството, цртањето, текстот и уметноста на звукот, стана пионер во употребата на перформансот како облик на уметноста и создаде некои од најпрепознатливите уметнички дела на перформансот.
Инаку, перформансот отсекогаш бил алтернативна форма на уметност и ова е голема шанса да стане мејнстрим (се мисли на големата и престижна популарност) – вели Абрамовиќ.
Споредувајќи ги снимањето на камера и перформансот во живо, Абрамовиќ истакнува дека кога снима, камерата е истото што и публиката.
„Таа снима се, а јас комуницирам со публиката директно низ електронските средства. Тоа е нешто што е многу важно на телевизијата“, посочува таа.
Но, перформансот е несфатен и потценет, иако широко се користи и применува.
Нејзиниот концепт, кој таа, но и јавноста го нарече Абрамовиќ метод се состои во постојаното настојување и залагање – публиката најпрвин да се научи да го види и согледа перформансот.
„Што можете да видите и како да се однесувате? Како дишете, како чувствувате свесно или несвесно, како и основите на јазикот на перформансот. Никој тоа не го учи, а тоа е неопходно“ – заклучува Абрамовиќ.
Според нејзините зборови, перформансот за разлика од другите облици на уметноста, може да придонесе за промена во светот.
Институтот ќе биде место за собирање на младите уметници од целиот свет на кој ќе можат да добијат слобода во уметничкото изразување и делување.
Марина Абрамовиќ Институтот (МАИ) ќе биде место за соработка на уметноста, науката, технологијата и спиритуалноста и ќе се занимава со зачувување на најразличните уметнички дисциплини: од танцот, театарот, музиката и операта – до новите облици на уметничкото изразување.
Според зборовите на Марина Абрамовиќ, на влезот од Институтот секој посетител ќе потпише документ со кој ќе се обврзе дека во просториите ќе остане најмалку шест часа, по што ќе добие слушалки кои во потполност ги блокираат надворешните звуци, како и сеф во кој ќе може да ги остави своите работи и скапоцености.
Идејата е на самиот влез од Институтот посетителот да остави се што потсетува на надворешниот свет и да влезе во сосема поинаков вид на стварност.
Прво што ќе направи по рецепцијата е вежбата бавно одење, но не во смисла на побавно чекорење, туку навистина бавно одење, како забавена снимка. Потоа следува одењето во делот во кој посетителот ќе седи на столица и ќе воспоставува контакт со очите со соговорникот кој е спроти него, а кој никогаш во животот не го видел и кој исто така седи со слушалки на ушите – наведува Абрамовиќ во промотивниот спот.
Потоа, посетителот ќе отиде во кристална пештера каде ќе седи со затворени очи и ќе почувствува како енергијата на кристалите делува на него, а кога тоа ќе се заврши, следува комората за лебдење, со кревети кои стојат, т.е. лебдат во просторот со помош на магнетни сили. На тој начин, ќе може да се почувствува вистинското делување на безтежинската состојба на својот организам.
По комората за лебдење, се преминува на столица со тркалца која е специјално дизајнирана и со помош на која персоналот на Институтот ќе го одведе посетителот во големата сала во која ќе бидат сите други случувања, како опера, театар, игра, филм, музика, различни перформанси и на тоа место уметниците ќе можат да ги создаваат своите дела.
Доколку се случи посетителот да заспие во текот на перформансот, персоналот ќе го однесе во количка на друго место каде ќе може на мир да отспие и каде ќе бидат библиотеките и салите за предавања, научната просторија и лабораторијата.
Тука доаѓате на само да видите што сме направиле, туку да се промените себеси. Ќе добиете единствено искуство кое може да го промени вашиот живот. Американската Национална академија неодамна Марина Абрамовиќ ја прими за свој член. За неа гласале сегашните, кои се повеќе од 300 академици.
Инаку, филмот Марина Абрамовиќ – уметницата е присутна е наречен според нејзината изложба од 2010 година во Музејот на модерната уметност во Њујорк. Таа изложба ми го промерни животот и ја дефинираше мојата мисија во животот, а тоа е да ги научам луѓето самите да дојдат до себе си – изјавува Абрамовиќ. Отсекогаш сум сакала секој од нас да има своја цел, затоа се откажав од се – не сум мажена, немам никого, немам деца, немам семејство… освен братот кој живее во Белград.
Публиката во филмот има можност да види една поинаква Марина, нејзината смисла за хумор, но и реалноста дека другите колеги ја доживуваат како рок ѕвезда на уметноста.
Нејзини најзначајни награди и признанија се: Златен лав на Биеналето во Венеција во 1977 година, каде има учествувано дури пет пати; наградата на градот Њујорк за игра и преформанс во 2003 година; наградата на Здружението на американските критичари во 2004 година; наградата 13 Јули на Црна Гора во 2012 година и други.
Нејзините дела се вклучени во многу светски јавни колекции.
Доц. д-р Христо Петрески
Универзитет Св.Апостол Павле – Охрид
Предавања во учебната 2013/2014 година
Извор: Македонија Презент