Министерот за правда Бојан Маричиќ попладнево патува во дводневна работна посета на Хрватска, соопштија од Минстерство за правда. За време на престојот, предвидено е да има билатерална средба со својот домаќин – хрватскиот министер за правда и администрација, Иван Маленица. Двајцата министри ќе разговараат за продлабочување на меѓусебната соработка во областа правда, како и пренесувања на искуствата на Хрватска во однос на водењето претпристапни преговори за членство во ЕУ.
За време на престојот во Загреб, предвидено е министерот Маричиќ да ја посети хрватската Академија за обука на судии и обвинители, а ќе има и работни состаноци со повеќе претставници на хрватската Влада.
„Посетата на Хрватска е долго планирана. Со хрватскиот министер за правда – Иван Маленица, и хрватската Академија за судии и јавни обвинители, планираме да оствариме стратешко партнерство“, информираше Маричиќ денеска во „Утрински брифинг“.
„Хрватската е последната земја која влезе во ЕУ, во 2013 година. Има свежи искуства од преговорите. Досега не сме воспоставиле ваков вид на партнерство со нив, иако постојат хрватски експерти кои преку европските фондови работат на владеењето на правото кај нас. Наша цел е тоа да го надградиме, бидејќи сметаме дека има многу што да научиме“, појасни министерот.
Тој додаде дека освен за состојбите во правосудството, со хрватските колеги ќе разговара и за актуелните прашања и активностите во претстојниот период, како што е Самитот на ЕУ.
„Ќе се сретнам и со Дробњак, кој е советник на премиерот Пленковиќ за меѓународни прашања. Хрватска е пријателска земја која може многу да влије на одлуките“, истакна Маричиќ, додавајќи дека со стратешкото партнерство за Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, Хрватска може да ни помогне подобро да се подготвиме за преговорите.