Маричиќ: Стартува меѓународниот мониторинг на случаите на организиран криминал и висока корупција

„Искрено верувам дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување резултати. Ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупцијата, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава”, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска на настанот за одбележување на активностите за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција – регионален проект на Мисијата на ОБСЕ и ЕУ во земјава.

Маричиќ истакна дека фактот што ние сме првата земја во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција, покажува дека Владата има искрена намера за неселективна правда и транспарантни судски процеси.

Пред првите луѓе на Мисијата на ОБСЕ и ЕУ во земјата, министерот за правда ги акцентираше и важноста и придобивките од заедничката соработката, посочувајќи го проектот за мониторинг како значаен исчекор напред во борбата против корупцијата, којашто, како што истакна, бара силна поддршка и вклученост на сите засегнати страни.

Маричиќ додаде дека верува дека ќе се исполни неговата лична и истовремено заложба на Владата – дека овој мониторинг вистински ќе помогне македонското да стане европско судство.

- Реклама -