„Ние имавме таков закон и во 2018 година и сè додека целта на тој закон е оние коишто се казнети со помали казни, или оние коишто веќе издржале голем дел од својата казна, да можат да бидат ослободени, мислам дека сериозно треба да се разгледа, бидејќи знаеме дека тоа е еден од начините како да се растоварат затворите. Но, и не само тоа, како да се направи казнената политика и подинамична и посоодветна, бидејќи навистина сега како што е можеби е во некои делови престрога“, одговори денеска вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на новинарско прашање во врска со Законот за амнестија.
Тој истакна дека било најавено и повторно отворање, односно приложување на оној целосен нов Кривичен законик и додаде дека треба пообјективно да ги гледаме овие работи.
„Бидејќи сме имале еднаш таков закон, целта е исполнета, а тоа е тие што се со мали затворски казни до шест месеци или оние коишто одлежале најголем дел од казните да имаат можност да излезат порано“, нагласи Маричиќ.
Извор: МИА