До крајот на денот, до 20 часот, ќе добиеме информација од ДЗС дека пописот е успешно завршен, најави министерот за правда Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Маричиќ призна дека во текот на операцијата имало многу политички проблеми и технички и хакерски напади, кои за среќа, како што рече, успешно се надминати.
Сега следува одредена фаза на проверка на одредени податоци, а потоа период од 6 месеци за да се сумираат податоците, додаде министерот.
Во однос на бојкотот на пописот, Маричиќ вели дека помасовни повици имало само од Левица. Сепак, подвлече, оние кои бојкотирале сепак ќе бидат попишани:
„Само Левица помасовно повикуваше на бојкот. Евидентирани се тие луѓе. Има податоци за нив од другите 7 регистри така што ќе бидат внесени во базите. Малку се на број што одбија, по законот се пропишани глоби и казни и дали ќе бидат казнети зависи од Државниот завод за статистика“, рече Маричиќ.
Како што истакна тој, до вчера се попишани 1.9 милиони граѓани.
Маричиќ потсети дека се работи за обемен материјал и дека порано процесот на сумирање траел една година, но сега, со електронската база двојно се скратува времето и податоците ќе бидат објавени за 6 месеци.