Маричиќ: На обвинителството е да каже каде потфрли системот во случајот со Мијалков

„На обвинителството е да каже каде потфрли системот во случајот со Сашо Мијалков. Јавниот обвинител Љубомир Јовески најавил отворање на истрага за случајот и назначил обвинител кој ќе ги испита сите околности. Мислам дека е ред на јавното обвинителство со инструментите и информациите кои им се достапни да им ја соопштат на јавноста вистинската слика“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето на централниот дневник на ТВ „Сител“.

Според него, случајот треба да се води институционално, а јавното обвинителство е местото каде што треба да се заврши целата работа.

„Поради јавноста и системот потребно е да се лоцираат слабостите во системот со цел да не се повторуваат ваквите ситуации“, рече Маричиќ, потенцирајќи дека работата на Министерството за правда е да помага на правосудниот систем и да им помага на судовите, овозможувајќи им услови и политичка клима за правично судење и независно судство.

Прашан за обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за негова одговорност во случајот со Сашо Мијалков, Маричиќ одговори дека во ниту една точка не гледа причина за негова одговорност, но и дека е подготвен да разговара и да се објасни каде точно тој како министер треба да сноси одговорност.

- Реклама -